НЕСРЕЌА ВО РУСИЈА: Се сруши хеликоптер, во него имало и дете

од Stefanija Kuzmanovska

Две лица се тешко повредени кога хеликоптер Ми-8 со 13 туристи и тројца членови на екипажот се урна рано утрово на полуостровот Камчатка, на крајниот исток на Русија, пренесуваат руските агенции.

Дирекцијата на Министерството за вонредни ситуации објави дека на местото на несреќата се пронајдени девет лица, од кои две се повредени, додека компанијата „Витиаз-Аеро“, сопственик на хеликоптерот, пријавила седум преживеани.

Според првичните податоци, несреќата се случила во областа на природниот резерват Кронотски, кога авионот со туристи од Москва и Санкт Петербург се урнал во Курилското Езеро.

Според извори на РИА Новости, хеликоптерот се наоѓа на длабочина од 100 метри.

Соговорникот на агенцијата рече дека во хеликоптерот имало и едно дете.

„Според прелиминарните податоци, две лица се во сериозна состојба. Другите податоци се проверуваат“, рекол извор за РИА Новости.

Министерството за вонредни ситуации изјави дека 45 лица биле вклучени во операциите за потрага и спасување.

Министерството за здравство на регионот Камчатка објави дека на местото на несреќата е испратена брза помош.

Службите за итна помош соопштија дека спасувачкиот авион не можел да слета на местото на настанот поради магла.

Поведена е истрага за кршење на правилата за безбедност во сообраќајот и воздушниот сообраќај, а регионалното обвинителство започна да ја проверува примената на законот за туристички услуги.

Слични содржини