Несудената зграда на Судот во Кавадарци: ругло, наместо најубава судска палата во државата

од Vlatko K

Ругло на градот, велат за објектот што пред околу половина век требало да ја претставува најубавата судска палата во државата. Каменото здание со години ја разгорува љубопитноста, ги дочекува и ги испраќа посетителите во Кавадарци.

Таму немало ни улица, а никнал објект како џин

По трагите на една вистинска приказна, МИА неодамна разговараше со сега починатиот, седумдесет и деветгодишниот Мирослав Маневски, пензиониран судија, кој извршувал низа функции во родниот град, а 11 години бил и претседател на кавадаречкиот суд.

– Сè започна некаде околу 1968 година, не сум сигурен. Тогаш бев судија. Педесетина години поминаа. Таа работа се тераше на општинско ниво. За да се направи судска зграда, и тоа убав објект. Со тогашниот Републички секретаријат за правосудство, денешно Министерство за правда, беше договорено да се прави таа зграда, да учествуваат и Републиката и Министерството и Општината. Инвестирањето требаше да биде половина со половина. Се направи проект, го изработи најпознатиот во тоа време архитект Муличковски, професор на Архитектонскиот факултет. Зградата требаше да биде многу поубава отколку другите судски згради. Но, наместо најубава судска зграда во државата, остана руина. Се ставија темелите во тој дел што се нарекуваше опитно поле, каде што сè уште немаше направено ни улица, по тој повод имаше свечена прослава, присуствуваа високи функционери. Тогаш градот завршуваше кај сегашната автобуска станица во Кавадарци. Републиката пушти пари, на двапати, фазно, не колку што навистина вредеше зградата, оти нејзината вредност во пари беше многу голема во тоа време. Објектот се направи речиси до карабина. Но, Општината немаше пари. Не се сеќавам точно дали сепак Општината издвои некои одредени средства, раскажа Маневски.

Подоцна, кога станал претседател на Судот, како што нагласи, ја „потерал таа работа“.

– Разговарав со претседателот на Општината, па со Министерството и други. Го кандисав тогашниот министер и рече добро, еве ќе пуштиме пари за да се продолжи со градбата. Тоа сето излезе во „Службен весник“. Ама условот беше и Општината да пушти (пари). А локалната самоуправа се правдаше дека нема пари. Им реков, ако не даде Општината, ќе пропаднат и државните пари. Општинарите рекоа, е па да видиме тогаш ако може нешто да се донира од појаките претпријатија. Отидовме кај појаките претпријатија, ама не успеавме да добиеме донации. Така пропадна и обидот да се издејствуваат финансиски средства од државата. Ете ја, зградата досега така стои. Тогаш имавме шест судии. А во зградата требаше да има простории за осум судии, па и повеќе, проектот беше навистина одличен. Предвидени сали, во кои судијата да не влегува од таму од каде што влегуваат странките, туку од посебен влез во судницата. Башка од тоа, имаше и други интересни делови од самиот проект. Се зголеми и надлежноста на судовите, па и на кавадаречкиот. Назначија уште двајца судии, па објектот во кој бевме сместени во центарот на градот стана претесен. Моравме огромната тераса да ја претвориме во канцеларии. Беа најавени и други реформи во правосудството, зголемување, што подоцна и се оствари, па Судот имаше 17, па 18 судии. Некаде во 1990 година, околу осамостојувањето, бидејќи во објектот што го користевме ни беше тесно, се преселивме во друг реновиран објект, кој беше купен откако фирмата претходен сопственик отиде во стечај. Претседател на суд бев 11 години. Во втората зграда во која бевме сместени подоцна имаше и доградување, за да се сместат сите вработени, се присети Маневски.

Општината бара ново законско решение

Локалитетот Опитно Поле, или познат како новиот центар, на времето бил димензиониран со многу големи објекти, потврди за МИА Драгослав Симоновиќ, раководител на општинскиот Сектор за комунални работи, урбанизам, сообраќај и заштита на животна средина.

– Кога бил правен новиот центар, започнати биле објектите судска палата, младински дом, пионерски дом и котларница. Тие објекти биле почнати некаде околу 1980 или година-две подоцна. До ден-денес се во таа фаза, во која се и почнати, практично карабина, само бетонската конструкција функционира, а на еден дел дури и само темелите. Нивната состојба како статус не е регулирана. Не е сопственик никој, сопственик е државата. Земјиштето е на државата, не се јавува како сопственик ниту Судот, ниту Општината. И не можеме да ги официјализираме и да ги легализираме. Од тие причини и поради тоа што претставуваат на некој начин и ругло на градот, се бараше начин да се надмине состојбата со тие објекти. Да се отвори постапка за нивно ставање во функција. Заради тоа се извршија консултации со претставници на Владата, дојдено е до решение, дека за таква една работа е потребно ново законско решение во Законот за катастар и Законот за легализација на бесправно изградени објекти. И тоа е сега во предлог-закон и најверојатно во најскоро време и ќе биде донесен тој закон. Со него ќе се овозможи и легализација на таков тип објекти, кои ги нема многу во државата, но постојат. Не е само во Кавадарци, има и на неколку локации во други општини, но најголем дел се во Кавадарци, кај нас доаѓаат како една целина, вели Симоновиќ.

Тој нагласи дека кавадаречките општински власти инсистираат на што побрзо донесување на тој закон, со цел откако ќе биде донесен Општината да достави барање до Владата, да ѝ се доделат овие објекти и таа да најде начин, како тие да се оформат како целина.

– Тоа е таа прва постапка за која сè уште се носат законските решенија и мислиме дека во брзо време ќе се надмине таа состојба околу законот. Во вториот дел, бидејќи Општината нормално нема капацитет да стопанисува со сите тие објекти, постојат две варијанти на размислување. Една од варијантите е во еден објект од тие, кој најлесно ќе може да се приспособи, да се пресели Јавното претпријатие „Комуналец“. Кај што има подобра инфраструктура, подобра поставеност на објектот за да се уреди внатре, да има соодветни простории, кои се неопходни за да функционира комуналното претпријатие. За другите објекти се планира да се дефинираат нивните локации со нова урбанизација, бидејќи сето тоа сега претставува една урбанистичка парцела, што е проблем ако се сака да се преземат некои мерки или да се извади потребно одобрение. Затоа е почната нова урбанизација и ќе се дефинираат точно урбанистичките парцели, односно ќе се дефинираат маркиците на тие објекти. Со можност во иднина тоа да се догради. Постојат исто така размислувања околу тоа дали и другите објекти да им се доделат на јавни институции, како јавен интерес на државата или да се даде на лицитација, за отуѓување, за да може да се добијат некои поголеми финансиски средства, кои, пак, ќе се наменат во комуналната изградба во Кавадарци и на тој начин и просторот ќе се оплемени, а и општината ќе добие бенефиција во делот на финансиски средства, зголемување на буџетот и за изградба на поголем број комунални објекти, додаде Симоновиќ.

На наше прашање околу стабилноста, тој одговори дека стабилноста на конструкцијата не е во прашање.

– Воопшто, бетонот не губи на трајност, барем досега е тоа покажано. Добар е. Можно е други материјали, но бетонот многу тешко се распаѓа. Конструкцијата е од таков тип од тоа време, здрава изградба по сите стандарди и со висок квалитет. Нема оштетување на бетонската конструкција, за да може да предизвика нестабилност на објектот или да не може да ја издржи носивоста, тоа оптоварување што ќе му ја даде доградбата, беше дециден тој.

Порано се издавал простор под кирија во објектот на Судот во подрумските простории. Бил користен за магацини, работилници. Измена на закон морало да се бара, за да може да се најде начин за решавање на овој проблем.

Од другата страна на булеварот, под постојниот хотел, имотот е приватен, но има интерес од инвеститор за да почне да гради. Сега засега имало само начелни инструкции дека таму ќе се гради, според првичните информации има интерес за градба на трговски центар на две нивоа, со можност горе да има два-три ката станбен дел, со многу интересни и големи содржини, но засега нема конкретни активности. Имотот е на кавадарчанец кој живее во САД, бизнисмен кој има транспортна фирма. Постои надеж дека ќе инвестира побрзо.

И за крај, постои некоја чудна и необјаснива магија и мистерија во тој бетон, кој, наместо сивило, зрачи убавина наоколу. Шармот не се губи, ами напротив, се зголемува со сулинарот за чад од оган извлечен во еден дел од објектот, како и со најлонот со кој се покриени неколку прозорци и една тераса. Чудесна е таа импресионираност. Колку ли тајни крие несудената судска палата?

Светлана Дарудова  MIA

Слични содржини