Нетанјаху: Уништената зграда во Појасот Газа е совршено легитимна цел

од Vladimir Zorba

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ги отфрли критиките за насочување кон зграда со канцеларии на странски медиуми во Газа, велејќи дека тaа е совршено легитимна цел, бидејќи во неа се криел Хамас, кој го потценил одговорот на еврејската држава.

„Во зградата се наоѓаше разузнавачката канцеларија на палестинската терористичка организација Хамас, која планира и организира терористички напади врз израелски цивили“, изјави Нетанјаху за телевизијата ЦБС во неделата.

Зградата беше „целосно легитимна цел“, рече Нетанјаху.

„Израел ги предупреди присутните во зградата пред да започне со нападот“, рече тој, нагласувајќи: „Ние целиме на терористичка организација која е насочена кон наши цивили и се крие зад нив, користејќи ги како жив штит“.

Кулата Ал-Џала, во која беа сместени канцелариите на Асошиејтед прес (АП) и на катарската телевизија Ал Џезира, беше уништена од израелски воздушен напад во саботата.

Здружението на странски печат (ФПА) во Израел и палестинските територии претходно ја доведе во прашање посветеноста на Израел за слобода на медиумите по уништувањето на зградата.

„Забележуваме дека Израел не достави докази во прилог на неговото тврдење дека Хамас ја користел зградата за да го испланира нападот“, се вели во писмото на здружението.

ФПА има 480 членови кои работат за меѓународните медиуми и „побараа средба со израелски официјални лица во врска со инцидентот“.

Нападот беше осуден и од Европската новинска агенција (ЕАНА), а меѓународната невладина организација „Репортери без граници“ (РСФ) исто така го осуди нападот врз зградата.

„Нападот не е оправдан без оглед дали Хамас го користи или не“, рече извршниот директор на РСФ, Кристијан Мир, пишувајќи на Твитер дека „прогласувањето на канцеларијата за медиуми за цел на конфликт и немири е воено злосторство“.

Слични содржини