„Нетфликс“ објавува крај на „La Casа de Papel“, пресвртница и глобален феномен

од Vladimir Zorba

„Нетфликс“ денеска ги објавува последните пет епизоди од шпанската серија „La Casa de Papel“, голем меѓународен хит за кој АФП јасно наведува дека „не ги отвори, туку ги разнесе вратите“ на други продукции на јазик различен од англискиот на стриминг услугите.

Создаден во продукција на шпанската приватна мрежа „Антена 3“, трилерот за банда разбојници стана најгледаната серија на „Нетфликс“ на странски јазик од нејзиното појавување на таа платформа кон крајот на 2017 година.

Судбината на крадците во серијата, со кодни имиња според светските градови, ја закова на екранот дури и публиката во Соединетите Американски Држави, која дотогаш не беше навикната на синхронизирани програми.

„Њујорк Тајмс“ ја пофали серијата и нејзините пресврти како „лудо возење во секоја смисла“, додека израелскиот весник „Хаарец“ ја опиша како „сериозно привлечна“.

Глобален феномен

Црвените комбинезони и маските на Салвадор Дали кои ги носеа членовите на бандата во серијата добија светска популарност и може да се видат на костимирани забави и улични протести.

„Ова е првата неанглиска серија која стана глобален феномен“, рече Елена Неира, професорка по комуникација на Отворениот универзитет во Каталонија.

Делумно благодарение на успехот на серијата, „Нетфликс“ и неговите конкуренти „сфатија дека не мора да произведуваат сè во САД за да привлечат глобална публика“, додаде таа.

„Нетфликс“ набргу потоа постигна успех со повеќе неанглиски серии, како што се францускиот трилер „Lupin“ и јужнокорејската дистописка драмска серија „Squid Game“, која стана најгледаната серија на „Нетфликс“ оваа година.

Титлуван на десетици јазици

Иако сценариото на „La Casа de Papel“ „не е револуционерно“, тоа носи „многу универзална приказна за борбата меѓу доброто и злото“ и пораки за моќта на жените, другарството и потребата од бунт“, рече Неира.

„Lupin“ споделува многу карактеристики со оваа серија. Фокусот е на крадецот со „одреден морален аспект“ кој е „многу интелигентен“, додава таа.

„La Casa de Papel“ ја имаше среќата што беше преземена од „Нетфликс“ набргу откако платформата за стриминг ги прошири своите услуги во повеќе од 130 земји во јануари 2016 година и го покрива речиси целиот свет освен Кина.

Неира додаде дека серијата профитирала и затоа што американскиот стриминг гигант бил подготвен значително да инвестира во синхронизација и титлување на сериите на десетици јазици.

Нови проекти се во подготовка

Глобалниот успех на „La Casа de Papel“ му даде ветер во грб на шпанскиот аудиовизуелен сектор.

„Тој ја стави шпанската индустрија на место за кое не ни сонувавме дека ќе бидеме“, рече креаторот на серијата Алекс Пина на прес-конференција на која го промовираше вториот дел од „петтата и последна сезона“ на серијата.

„Нетфликс“ потпиша договор со Пина 2018-та за производство на нови серии и проекти само за тој стриминг гигант.

Една година подоцна, тој го отвори својот прв европски продуцентски центар во Мадрид, како дел од мултимилионската инвестиција во содржина на шпански јазик.

Долгорочна инвестиција

„La Casa de Papel“ е доказ дека приказните можат да се креираат насекаде во светот и можат да бидат ценети насекаде во светот“, изјави за AФП Диего Авалос, потпретседател за содржина на „Нетфликс“ за Шпанија и Португалија.

Неколку ѕвезди од таа серија се појавуваат и во други серии на „Нетфликс“.

Хаиме Лоренте, кој го игра раздразливиот разбојник од Денвер и Мигел Херан, кој го игра младиот хакер Рио, се појавуваат во тинејџерската драма Elite, уште еден шпански глобален успех.

„Нашата цел е да бидеме дел од шпанскиот креативен екосистем. Инвестираме долгорочно“, додаде Авалос на отворањето на продуцентскиот центар „Нетфликс“ во Мадрид.

Слични содржини