Неутралност на Швајцарија или тактика за преживување?

од Stefanija Kuzmanovska

Постојат само неколку земји во светот кои се определија за неутралност, вклучително и Австрија и Шведска. Сепак, ниту една земја не успеа да направи статусен симбол од неутралноста, како што беше случајот со Швајцарија.

Тоа е држава која поради својата неутралност 30 години ги претставуваше интересите на САД во Иран и интересите на Техеран во Вашингтон. Швајцарија жестоко преговараше со САД за да дозволат испорака на хуманитарна помош на Иран и да ги ублажи најтешките последици од санкциите.

Но Швајцарија исто така на иранските власти им продаде наместени машини за кодирање, кои биле означени како „произведени во Швајцарија“, за да може Вашингтон да ги прислушува.

Откако беше откриено дека германските и американските разузнавачки служби со децении ја користеле швајцарската компанија „Крипто АГ“ за да шпионираат други земји, неутралноста на земјата во најмала рака беше доведена во прашање, пренесува Би-Би-Си.

Сепак, неутралноста не е некаква сила што ве чува од непријатели, истакнува Би-Би-Си и потсетува дека во Втората светска војна Швајцарија морала многу да се труди за нејзините соседи да се држат подалеку од неа.

Но како и да е, има и други подеднакво важни работи. Имено, Швајцарија им беше од корист на сите страни.

Нацистичка Германија најде безбедно место во швајцарските банки за украдените уметнички дела и злато. Исто така, преку Швајцарија испраќала возови полни со оружје за поддршка на италијанскиот диктатор Бенито Мусолини.

Во исто време, началникот на швајцарските вооружени сили, генерал Анри Гизан, тајно преговарал со Французите за заедничка борба доколку и двете држави бидат нападнати.

Се поставува прашањето како е можно двата концепта, неутралност и соработка, да постојат заедно.

Можеби на истиот начин на кој Швајцарија гордо не води војни, но продава многу оружје. Или на истиот начин на кој нејзините банкари велат „парите немаат мирис“. Или со други зборови, тие со задовослтво ќе се погрижат за парите без оглед на тоа од каков крвав конфликт потекнуваат или на кој брутален диктатор или наркобос припаѓаат.

Но на неколку години нешто ја стресува швајцарската неутралност, а Швајцарците повторно треба да сфатат дека нивната земја не е светол пример на надеж во срцето на Европа. Повеќе станува забор за прагматична, честопати валкана тактика за опстанок на континент со крвава историја.

Слични содржини