Нихон-Џи Фестивал: Храм на јапонската култура во Македонија

од Vladimir Zorba

На 28 мај (сабота), со почеток во 11 часот, во просториите на Јавна Соба (Public Room) во Скопје, ќе се одржи Нихон-Џи Фестивалот – првиот, наедно и најголемиот фестивал за јапонска култура од овој тип досега организиран на нашите простори.

Нихон-Џи, во организација на Јапан.нет.мк (japan@mk), ќе прикаже повеќе аспекти од јапонската култура, вклучително литература, хаику поезија, кинематографија, музика, архитектура, боречки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видео игри, со цел да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија.

Во рамките на фестивалот ќе се претстават над 20 уметници и илустратори, 3 модни дизајнери, 7 хаику поети, 4 доџоа, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри, бонсаи градина и се очекува голем број косплеери.

Посетителите ќе можат да присуствуваат на работилници за специфични јапонски занаети (кумихимо, монкири и церемонија за чај) и на три посебни трибини (Културно општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои наоѓаат своја примена во зголемување на квалитетот на живот).

Фестивалот исто така ќе вклучи и турнири во игрите Текен, Покемон Го и Ју-Ги-О, како и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури, итн.

Фестивалот ќе биде свечено отворен со присуство на амбасадорот Савада Хиронори, а ќе биде затворен со диџеј сет со јапонска музика и караоке настан.

Деталната програма и учесниците се наведени на официјалната страна и на Фејсбук настанот. Нихон-Џи Фестивалот е подржан од Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија.

Слични содржини