Николов за Локално: Анти рударските движења имаат поддршка од странски фактори

од Vladimir Zorba

Рударскиот сектор во Македонија остана речиси нечепнат од последиците на вирусот КОВИД-19, а основен аргумент врз кој го темелат очекувањето за продолжување на успехот до крајот на годината е зголемената цена на обоените метали. Оптимизам од друга страна не споделуваат во однос на можни отворања на нови рудници.

„Анти-рударското движење во Македонија кое  се појави во последните 2-3 години придонесе да се намали инвестициската клима. Станавме несигурна држава за инвестирање  што е сериозен проблем ако го имаме предвид фактот дека инвестициите во рударскиот сектор се бројат во десетици и стотици милиони евра’’, вели заменик генералниот директор на рудникот „Бучим“ и претседател на МАР, Николајчо Николов за „Локално“.

Проблем според него е и честото менување на Законот на минерални суровини кој како што вели „има  парцијални и апсурдни одредби  во кои се инволвирани интереси на одредени локални средини и на  политички партии“.

Сомнителна заднина препознава и во активностите на одредени еколошки невладини организации кои се противат на нови инвестиции во рударството  со како што вели, површни и несуштински аргументи и претходни анализи.

„Анти рударските движења одат на штета на државата и поткрепени се од страна на странски фактори“, дециден е Николов.

Статистиката регистрираше пад на индустриското производство во првиот квартал од годинава и тоа за 2,3 % во секторот рударство и вадење камен.На што се должи овој негативен,намален придонес?

-Падот од 2,3% не е значителен, и се однесува на првиот квартал. Сигурен сум дека во следниот период вкупното производство во рударскиот сектор  ќе се надомести. Треба да имаме предвид дека во нашата држава активно работат рудници за обоени метали, за вадење камен и јаглен. Пад има кај вадењето камен и производството на градежен материјал, што се должи на намалениот интензитет на градби во земјава. Мал пад има и и кај обоените метали, односно во Бучим, но само поради фактот дека оваа година започна процесот на вадење руда од новоотворениот рудник Боров Двор. Како и кај сите почетоци, и тука се појавија мали проблеми, но полека и континуирано  се надминуваат.

Иако неизвесноста од КОВИД сеуште надвиснува над стопанството, рударството минатата година ја помина речиси без загуби, со истиот број вработени, со редовни плати и без државна помош. Дали падот во производството како податок најавува каква ке биде 2021 година ?Кои се предизвиците пред вас?

-Во услови на коронакриза, се покажа дека рударскиот сектор е најмалку чувствителен.Менаџерите ,и воопшто вкупниот механизам на организациска поставеност демонстрираа  висок степен на успешно справување со сите предизвици.Процедурите за заштита од ширење на заразата  максимално  се почитуваат, и тоа  во однос на превозот на работниците, запазување на предвидената дистанца,носењето маски. Прашањето за следните предизвици секогаш го поврзуваме со обоените метали со оглед на фактот дека тие се главен двигател.Нивната цена порасна во првиот квартал, и нема очекувања дека е можен  пад во следниот период од годинава.Ова е само уште една потврда во насока на проценките дека до крај на 2021 ќе имаме поголемо производство и со самото тоа поголеми успеси.

Како менаџерските тимови го искористија предизвикот да ја организираат работата и да обезбедат производство во пандемија?Дали бевте принудени да се реорганизирате и како?

-Нашата реорганизација единствено беше во насока на максимално запазување и следење на упатствата за заштита од корона. Потврда за тоа колку успешно успеавме да го изменаџираме целиот процес е фактот дека  на пример, во Бучим кој вработува 650 лица, најголема бројка на заразени во исто време беа 8 работници. Имаше периоди и кога немавме ни еден заболен.

Дали може да се очекува раст во овој сектор во услови кога нема инвестициска клима и не се отвораат нови рудници?

-Анти- рударското движење во Македонија кое  се појави во последните 2-3 години придонесе да се намали инвестициската клима. Станавме несигурна држава за инвестирање  што е сериозен проблем ако го имаме предвид фактот дека инвестициите во рударскиот сектор се бројат во десетици и стотици милиони евра. Со честите измени за Законот за минерални суровини праќаме лоши пораки до идните инвеститори.Во меѓувреме се очекува и разрешување на прашањата поврзани со инвестициите во рудниците  Иловица и Казандол, па оттука во оваа година не е реално да се очекува отворање на нови рудници. Покрај честите измени на Законот за минерални суровини, потенцијалните инвеститори се соочуваат и со неговите конфликтни и нелогични одредби кои беа донесени под притисок на мал број луѓе. Така на пример, пишува дека се забранува отворање нови рудници со обоени метали со површински ископ каде што рудата ќе се преработува со употреба на сулфурна киселина и цијаниди.Конфликтот е во тоа што истата руда може да се извади и од подземен рудник, а со оглед на фактот дека никој не може да препознае од каде е ископана се поставува прашањето дали истата забрана би се однесувала и за рудата која е ископана со подземна експлоатација. Има уште многу вакви одредби кои се парцијални и апсурдни, а во кои се инволвирани интереси на одредени локални средини и на  политички партии.

Главниот инвеститор во Иловица –Штука најави дека ќе се жали на одлуката за одземање на дозволата.До каде е целата постапка? Дали имате чувство дека Македонија сепак нема да се откаже од странските инвестиции во рударството, односно дека нема да се дозволи стравот да им пресуди на рударските проекти?

-Во нашата држава пред две години дојде делегација од Канада. Нивната основна порака беше дека кога се разговара за рударството може да се зборува и за земјоделието и за туризмот, односно дека едното со другото не се исклучува.Едноставно кажано, не треба да велиме рударство или земјоделие и туризам, туку рударство и земјоделие и туризам. Тоа треба да биде основната порака во нашата држава, за неа треба да размислуваат некои од еколошките невладини организации и Владата.Техниката во рударскиот сектор е напредната и исклучително модернизирана.Многумина не знаат или не сакаат да знаат дека отворањето рудник може да допринесе за поквалитетна животна средина. Еден од примерите е бакарот кој под земја се раствара во вода и ја обојува.Ваквите раствори потоа неконтролирано истекуваат.Процесот на ископување на бакарот од друга страна ги регулира овие текови и допринесува за поквалитетна животна средина.

Споредбите на новите инвестиции во рударството со ‘’извори на смрт’’ се не само погрешни, туку имаат и многу сомнителна заднина. За мене е апсурдно да се даваат квалификации и осуди без какви било аргументи и претходни анализи. Анти рударските движења одат на штета на државата и поткрепени се од страна на странски фактори. Нивната единствена цел е создавање на атмосфера во која отворањето рудници ќе зависи  од  нечии интереси. Нема држава без рудници. Неопходно е да се усогласат мислењата на екологистите и на државата и да се изгради долгорочна стратегија.Се додека ова не се направи ќе се повторува принципот отвори-затвори.Во долгорочната стратегија треба да се предвиди каде, кога и какви рудници може да се отворат за да се подобри животниот стандард на населението.

Одземањето на концесиите во рудникот Иловица е поврзано со непочитувањето на обрвските од страна на концесионерот кон државата.Концесионерот сеуште нема добиено дозвола за ископување што всушност значи дека ја нема  поминато ни првата фаза. Дури потоа следува  добивање А интегрирана дозвола која во себе ги содржи и еколошките услови. Погрешно е да се претставува во јавноста дека екологистите го стопирале отворањето на рудникот поради неисполнети еколошки услови бидејќи процесот не е ни дојден до таа фаза. За  тоа кој е во право во случајот Иловица-Штука ќе одлучи судот.

До каде е најавата дека наскоро во земјва ќе дојде странски инвеститор за производсво на рудска опрема за што две парцели од зоната Жабени и се отстапуваат на државата за формирање на државна индустриска зона?

-Инвестирањето во рударска опрема не само што е можно, туку е и пожелно. Со општата глобализација и селењето на големите фирми во земји со ефтина работна сила реално е да очекуваме ваква инвестиција. Во прилог на ова е и нашата традиција во оваа сфера бидејќи Македонија имаше огромни металопреработувачки гиганти.

К.В.С.

 

Слични содржини