Николовски: Буџетот за 2023 е одговор на кризата, имаме над 225 милиони евра само за антикризни мерки

од Stefanija Kuzmanovska

„Буџетот за 2023 година е најголем, но е и одговор на кризата. Во Буџетот за 2023 година има обезбедено 225 милиони евра само за антикризни мерки. Дополнително има 120 милиони евра повеќе за пензионерите, 800 милиони евра за капитални инвестиции, кои ќе дадат поттик за економијата и домашните компании“ рече заменик-министерот за финансии Филип Николовски во „Детектор“ на Сител ТВ.

Тој додаде дека во новиот Буџет се предвидени и над 430 милиони евра за единиците на локална самуправа, што е за 60 милиони евра повеќе од минатата година.

„Дел од даночната реформа помина во Собранието, дел чекаме да се стави на дневен ред на Комисија за финансирање и буџет. Законите и измените во даночната реформа кои ги предлагаме поминаа низ широка дебата, пет месеци со сите релевантни институции и засегнати страни“ рече Николовски.

Заменик-министерот потенцираше дека низ широк процес на дебати помина и законот за данок на солидарност, со кој компаниите кои изминатата година поради кризата оствариле екстра профит ќе треба да платат повеќе. Николовски кажа дека на една од дебатите, која била со политичките партии, немало претставници само од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите забелешки од дебатите, вклучително и писмената забелешка од ВМРО-ДПМНЕ ќе се земат предвид и ќе излеземе со заедничко решение, што ќе влезе во собраниска процедура. Контурата на законот ја имаме, бизнис секторот и коморите се запознаени и тие немаа никакви специјални, посебни забелешки“ рече Николовски.

Слични содржини