Николовски од Берово: Горди сме што Европската комисија ја соопшти преговарачката рамка

од Nikola Popovski

Коалицијата „Можеме“ вечерва одржа граѓанска трибина во Берово. На трибината учествуваа генералниот секретар на СДСМ и носител во ИЕ 3, Љупчо Николовски и носителката во ИЕ 3, Јагода Шахпаска.

Шахпаска пред своите сограѓани истакна дека е голем предизвикот по три години и по трет пат да ја бара довербата за следен мандат во македонското собрание.

-На нашата листа во Третата изборна единица има најмногу кандидати за пратеници кои се лекари. Ова е најдокторска листа во сите изборни единици, листа која ја претставуваат чесни луѓе кои се вложуваат во својата професија и помагаат за развој на Третата изборна единица. За мојот досегашен мандат одговорно ќе ви кажам дека не беше лесно да се носат одлуките кои за дел од граѓаните значеа гнев. Но со потпишувањето на Преспанскиот договор се реши деценискиот спор и не се двоумев да го пристиснам копчето, бидејки сето тоа го направивме транспарентно, а не како некои политичари да договараме скришно. Конечно препознаени сме како Македонци од Северна Македонија, кои говорат македонски јазик и имаат македонско државјанство, рече Шахпаска.

Таа се осврна и на договорот со Бугарија, како и на социјалната помош која, како што истакна, е зголемена за 300 отсто.

Николовски го почна обраќањето со веста дека денеска Европа ја усвои предлог преговарачката рамка за земјава.

-Рамката која оди до сите земји членки потврдува дека македонскиот јазик е загарантиран, а Уставот на ЕУ ќе биде преведен на македонски јазик. Денеска имаме концепт кој е гарант за напредокот на нашата земја, кој е потврда на сите политики кои ги водевме и го трасира патот на развојот на новата македонска економија. Во 2016 година овде беше многу мрачно и тажно, но со пенкало и глас беше срушен режимот. Имавме окупиран систем, имаше страв, изолација и незивесност, се правеа списоци за субвенции по месни комитети, немаше транспарентност кој ќе добие грант, земјата беше меѓународно раскарана со сите соседи, во 2017-та имаше крв во собранието и бевме на раб на граѓанска војна, рече Николовски.

Влезени сме во политиката, дополни, за да ги промениме работите – за обезбедување поголема плата, за подобро општество, за депратизација.

-На овие избори се бориме да воведеме нови стандарди, а тие нудат исти луѓе и кадри, ги нудат луѓето на Никола Груевски. Христијан Мицкоски го чува столчето да се врати тој. Но, овој народ знае да препознае нова вредност, чесност, искреност и одговорност при барањето на довербата. И затоа нема да се врати Никола Груевски, туку ќе победат чесните и одговорните.  Фаворитски влегуваме во оваа битка меѓутоа победата треба да е голема за стабилна политичка Влада која ќе продолжи со многу крупни проблеми, кои ќе ги решиме и 2024 година која ќе ја завриме со 20 илјади минимална плата и клучно со 80 проценти на поглавја, кои ќе ги преговараме со ЕУ, рече Николовски и повика на што помасовна излезност на граѓаните согласно мерките за заштита од КОВИД-19.

На трибината се обрати и Никола Дујовски, декан на факултетот за безбедност кој ја нагласи важноста од историската одлука за влез на Република Северна Македонија во НАТО.

Поради вирусот КОВИД-19 трибината се одржа пред ограничен број граѓани.

Слични содржини