Николовски: Царината е дополнително задолжена со податоци за сите компании увозници на мазут и масло за ложење

од Nikola Popovski

Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, Љуплчо Николовски вечерва објави дека сите надлежни институции во рамки на рокот доставиле информации согласно задолженијата и надлежностите.

„На денешната владина седница по направениот пресек, се донесе одлука дека се неопходни дополнителни информации, а за истите, институциите имаат рок од 7 дена. Царинската управа е дополнително задолжена да го дополни извештајот со податоци за сите компании увозници на мазут и масло за ложење за периодот 2018-2021 година и да достави извештај за постапување по претставки за увоз и извештај со податоци за спроведени контроли на мазут во нивната лабораторија и во приватните лаборатории“, додаде Николовски, потенцирајќи дека неговиот Кабинет заедно со Министерството за економија се задолжени да подготват сублимат со досегашните и дополнителните информации и да го достават на следната владина седница.

Владата ги задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси и Министерството за економија, заедно со Царинската управа, ДПИ и ДИЖС, по извршените анализи на досегашните информации да направат сублимат и истиот да го достават на следната владина седница.

Дополнително, Владата ја задолжи Царинската управа да ги споделува сите информации за влез на нафтени деривати со ДПИ, со цел поефикасно спроведување на надлежностите.

Токсични масла опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз во Македонија влегувале како мазут, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава, открива првата епизода од документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Слични содржини