Николовски за починатиот овчар: Човечкиот живот нема цена, итно лоцирање на одговорност и расчистување на случајот

од Nikola Popovski

„Со големо жалење ја примив веста за смртта на повредениот овчар од кратовскиот регион. Денеска се пратени дописи во кои побарав детални извештаи за случајот од градоначалникот на општина Кратово, од Центарот за управување со кризи и од МВР“, објави вечерва вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

Тој посочи дека освен детални извештаи, за трагичниот настан од ЦУК и од МВР побарав да спроведат внатрешна контрола, за постапувањето на надлежните службеници за случајот.

„Човечкиот живот нема цена, а кога станува збор за спасување на човечки живот, секој треба да го даде максимумот, а не да се оградува од одговорност. Во вакви случаеви не постои фразата „не сме надлежни“, сите сме надлежни кога е во прашање човечки живот. Неприфталиво и недозволиво е во 21 век, да се носи човек на носилики, а институциите да не можат да детктираат како и на никој начин да се постапи во конкретни животозагрозувачки случаеви. Итно лоцирање на одговорност, соодветни мерки, санкции и расчистување на случајот“, напиша Николовски.

Во болницата во Штип изутринава почина 63-годишниот жител на кратовското село Емирица, кој пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, имал мозочно крварење и изминативе денови бил во кома.

Д-р Павле Зафиров, кој ја предводел спасувачката мисија на Фејсбук објави дека помош за транспортот барале од институциите, но не ја добиле.

Слични содржини