Ниту еден протест во изминатите денови не беше уредно најавен и пријавен, тврди Спасовски

од Nikola Popovski

Првиот човек на македонската полиција, Оливер Спасовски попладнево повторно упати апел до граѓаните, но и до политичките субјекти, коишто сакаат да ги искажат својот став преку протест, тоа да го сторат на мирен начин.

-Би сакал уште еднаш да потсетам дека секој јавен собир (протест), согласно закон, мора да биде уредно пријавен. Притоа, освен известувањето за блокадите од 08.07.2022, кое беше доставено како акт до МВР истиот тој ден, иако според Законот за јавни собири треба да се достави најдоцна 48 часа пред почетокот на одржувањето, ниту еден од протестите во изминативе неколку денови не беше уредно најавен и пријавен, туку организацијата течеше преку социјалните мрежи, иницирана и водена од неколку политички партии, потенцира Спасовски.

Министерот информира дека отсуството на организатор, односно неговото формално необзнанување не може да претставува алиби за насилството врз виталните објекти на државата и врз полициските службеници кои вршат службени дејства во заштита на безбедноста на граѓаните и институциите на системот.

-Ја користам оваа прилика да ја известам јавноста да биде спокојна – МВР останува во служба на граѓаните и нема да дозволиме протестите да бидат злоупотребени за разгорување на меѓуетнички тензии. Полицијата постапува согласно добиените оперативни сознанија и ќе биде распоредена на соодветен начин согласно потребите. Чинот на насилство нема оправдување. Ние како држава сме горди на цивилизациската придобивка на протест, а токму мирните протести се есенцијален дел на една демократија. Апелирам да се практикува мирен протест, како дел од дијалогот, стои во објавата на Спасовски.

Слични содржини