Ноев: Постојат бугарски политичари кои ги нарушуваат односите со Македонија

од Nikola Popovski

Никогаш немало вето за Македонија, но клучниот услов на Бугарија е правата на македонските Бугари да бидат заштитени и почитувани со правата на сите други народи и луѓе кај нашиот источен сосед. Се додека тоа не се случи, нема да има европска иднина за Република Северна Македонија. Ова го изјавил за „БТВ“ поранешниот бугарски министер за одбрана, Бојко Ноев.

„Афирмацијата на македонскиот идентитет доаѓа на сметка на забраната на се што е бугарско, што се одразува и на луѓето во РСМ кои се сметаат себеси за Бугари. Македонските власти се правдаат дека не можат да направат измени во македонскиот устав за признавање на правата на македонските Бугари. Но, во исто време тие за неколку дена донесоа закон против Бугарите“, рекол Ноев.

Тој бил категоричен дека промената на Уставот е главен услов за европската перспектива на нашата земја.

„Не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека во реалноста има бугарски политичари кои ги влошуваат нашите односи со Северна Македонија и им даваат причина на македонските власти да најдат оправдување кога се борат бугарските граѓани и македонските Бугари“, додал Ноев.

Според него, има бугарски политичари на кои не треба да им биде дозволен влез не само во Македонија, туку не треба да им се дозволи да бидат и на бугарската политичка сцена.

„Тоа се бугарски политичари кои сакаат Бугарија да се одвои од Европа. Тоа се политичари кои одржуваат референдуми за отцепување од Европа, од еврото, а можеби и за влез во зоната на рубљата. Тоа се политичари кои отворено ги бранат интересите на Кремљ во Бугарија“, вели Ноев.

Слични содржини