„Ноје Цирхер Цајтунг“: „Отворен Балкан“ предизвикува сомнежи во регионот

од Vladimir Zorba

Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ објави статија за иницијативата „Отворен Балкан“, порано позната како „Мини-Шенген“. Иницијативата на Србија, Албанија и Северна Македонија, која треба да доведе до заеднички пазар и укинување на граничните контроли, „предизвикува многу сомневања во регионот“, наведува весникот, цитиран од ДВ.

„Од Белград се слуша дека „Отворен Балкан“ произлезе од увидот дека не може вечно да се чека на ЕУ. Албанскиот премиер Еди Рама алудира на романот на Семјуел Бекет кога го поврзува влезот во ЕУ и „Чекањето на Годо“. Чекаш, чекаш, а него го нема. Но, регионалната иницијатива, експлицитно се вели, не треба да се гледа како алтернатива на ЕУ. Сите три земји се држат до далечната цел за влез во ЕУ“.

Весникот наведува дека бизнисмените реагираат позитивно на обидот да се создаде поголем пазар на Балканот. Додава дека особено Србија има потенцијал да стане центар што е привлечен за инвеститорите. „Дури и од Германија или Франција, постои воздржана поддршка. Секоја регионална соработка е за поздравување, велат во Берлин“.

Вреди да се напомене, пишува весникот, дека соработката ја форсираат Вучиќ и Рама, иако односите меѓу Србите и Албанците се традиционално тешки. Тогаш, зошто се уште постои непријатност во Брисел кога се споменува „Отворен Балкан“?

„Многу самоуверената регионална политика на Србија игра тука улога во последно време. За време на пандемијата, Белград донираше вакцини за земји како БиХ и Северна Македонија, кои се уште ги чекаа првите испораки од програмата „Ковакс“. Пораката беше јасна: „Се исплати да се води политика независна од Брисел“, пишува најголемиот швајцарски весник.

„Не е случајно што трите земји во регионот кои имаат комплицирани односи со Србија се против „Отворен Балкан“: Босна и Херцеговина, каде што дел од земјата во која доминираат Србите флертуваат со сепаратистички намери, Црна Гора, која се расправа за позицијата на српската црква. „Белград ја негира независноста“, пишува весникот.

„Во сите три земји, регионалната иницијатива е под сомнение дека првенствено им служи на политичките интереси на Белград. За Косово, придобивки од заедничкиот економски простор практично нема додека Србија не ја признае државноста на поранешната покраина. Најважните трговски пречки се од природа настрана царината, бидејќи Србија не прифаќа стоки или царински документи на кои Косово е наведено како држава“, потсетува „Ноје Цирхер Цајтунг“.

„Ако влезот во ЕУ останува далечна цел, тогаш оваа регионална иницијатива не отстранува никакви пречки на тој пат – ниту во билатералните проблеми во регионот ниту во владеењето на правото“, рече Тоби Фогел од тинк -тенкот Democratization Policy Council.

Тој додаде дека на автократи како Вучиќ и Рама – „Отворен Балкан“ не бара реформи што би ја загрозиле нивната влада.

ЕУ, Балканот и проширувањето: Лаги од навика

„Ноје Цирхер Цајтунг“ пишува и за самитот на Европската унија и Западен Балкан, кој се одржува во среда (6.10), додавајќи дека тој „нуди можност да се откажеме од фикцијата за проширување на ЕУ и да бараме различни начини за приближување“.

Во текстот потпишан од големиот експерт за Балканот, Андреас Ернст пишува: „Односот помеѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан беше длабоко нечесен. Главната вина е на ЕУ. Со години на сите страни им беше јасно дека нема да има проширување на ЕУ на Балканот. И покрај тоа, членовите и Европската комисија цврсто се држат до празни приказни за европската перспектива и заедничките вредности“.

„Ноје Цирхер Цајтунг“ понатаму пишува дека, за време на неодамнешната турнеја, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ги повтори „фразите од кои им е преку глава на граѓаните во регионот“. „Но, овие фрази излегуваат од устите на политичарите исто толку лесно како што официјалните претставници на источниот блок велеа за марксизмот-ленинизмот: „Се лаже од навика“.

Третиот самит ЕУ-Западен Балкан се одржува утре во поранешната летна резиденција на Тито на Брдо кај Крањ. Како што пишува Андреас Ернст, постојат сите шанси самитот да се одигра според старата шема: ЕУ ќе зборува за инвестициски пакет од девет милијарди евра, што треба да ги направи економиите на регионот поодржливи и дигитални и да ја подобри инфраструктурата.

„Ќе подобри понешто, но нема да донесе пресврт. Ниту стратегијата на Брисел и Берлин дека регионалната економска соработка води кон економски раст и на патот ги решава билатералните проблеми на земјите кои потекнуваат од Југославија. Се разбира, има смисла соседните земји брзо да ги срушат бариерите и да изградат заеднички пазар. „Но, шест сиромашни земји нема да направат богат регион“, пишува „Ноје Цирхер Цајтунг“.

Се наведува дека БДП на сите шест земји со околу 17 милиони жители е еднаков на оној на 5,5 милиони Словачка. Од тоа, Ернст заклучува дека потрагата по пристапување кон европскиот просек дури и не започнала.

„Економистите веќе долго време препорачуваат економски врски со ЕУ и пристап до европскиот буџет како решение“, се додава во текстот. „Но, за да биде можно тоа, прво мора да се откажеме од фикцијата за полноправно членство. Се чини дека постои страв од тој момент на вистината (која и онака е позната на сите). Можеби затоа што Брисел и земјите -членки веруваат дека тогаш веќе нема да имаат влијание во регионот? “, прашува Ернст, цитиран од ДВ.

Но, тоа влијание, како што се гледа во последната епизода од конфликтот во Косово, е веќе слабо. „Европската унија може да биде фактор на моќ само ако нуди веродостојни стимулации, така што има и опција за санкции што можат да влијаат на однесувањето на земјите партнери. Тоа исто така би имало смисла бидејќи Србија, најважната земја во регионот, отворено и се нуди на Кина. Белград има корист од кинеската поддршка и, пак, служи како излез на Пекинг на границите на ЕУ“.

Во текстот се наведува дека веќе постои модел што може да им се понуди на земјите од регионот: Европската економска област (ЕЕА), која ги вклучува земјите-членки на ЕУ, но и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. „Влезот во ЕЕА е поврзан со исполнување на условите што бараат одлучувачки реформи. Но, тие пречки може да се надминат, за разлика од оние што стојат на патот за полноправно членство во ЕУ“.

Слични содржини