„Ноќна мора во пандемијата“: Уште еден опасен здравствен проблем во Индија

од Stefanija Kuzmanovska

Најголемото жариште на пандемијата во моментов е Индија, а бројот на заразени се зголемува секој ден.

Покрај ковид 19, пациентите во индиските болници се соочуваат и со уште еден проблем што се чини уште полош.

Индиските лекари сè почесто пријавуваат мукормикози кај пациенти кои се болни или имале коронавирус.

Тоа е ретка, но опасна габична инфекција која агресивно ги напаѓа респираторниот тракт, очите, а понекогаш и мозокот. Стапката на смртност се движи помеѓу 25 и 80 проценти, во зависност од тоа колку брзо се открива.

Габите кои предизвикуваат мукормикоза најчесто се наоѓаат во почвата и гнилите растенија, а спорите кои влегуваат во телото со вдишување обично ги напаѓаат луѓето кои имаат ослабен имунитет. Најчесто се погодени дијабетичари, пациенти на онкологија, како и пациенти кои често користат кортикостероиди поради други болести.

Лекарите во Индија веруваат дека поголемиот број случаи на мукормикоза се должи на употребата на стероиди во третманот на лица со ковид 19. Имено, стероидите ги намалуваат воспалителните процеси во белите дробови кога се инфицирани со коронавирус, но исто така можат да го зголемат и шеќерот и да го намалат имунитетот. Сето ова создава „идеални“ услови за експлозија на мукромикоза, пренесува порталот „Зимо“.

До неодамна, болницата Сион во Мумбаи бележеше шест случаи на мукормикоза годишно, а само во последните два месеци тие веќе забележаа 24. Дури 11 пациенти останаа без очи поради ширењето на инфекцијата, а шестмина починаа .

„Тоа е ноќна мора во пандемијата“, изјави за Би-Би-Си д-р Ренука Бред, раководител на оториноларингологија во болницата.

Пациентите кои страдаат од оваа габична инфекција обично имаат симптоми како што се затнат нос, крварење од носот, оток и болка во окото, отечени очни капаци и во најтешките случаи губење на видот. Како што напредува болеста, се јавува некроза на ткивата и се појавуваат црни дамки околу носот. Кога експертите ќе го погледнат погоденото ткиво под микроскоп, спорите и црните габи се јасно видливи. Единствениот начин да се запре инфекцијата е хируршко отстранување на погоденото ткиво и интензивна интравенска антифунгална терапија. Меѓутоа, ако габата продира во мозокот, исходот е фатален.

Нема официјални објаснувања од индиската влада зошто ова зголемување се случува среде пандемијата на ковид 19.

Слични содржини