Ноќните протести повторно прераснаа во немири: Шпанците бараат ослободување на раперот (видео)

од Nikola Popovski

Трет ден по ред се одржуваат протести во некои шпански градови за поддршка на шпанскиот рапер Пабло Хасел, кој беше уапсен оваа недела и осуден на девет месеци затвор за навреда на кралот и полицијата.

Немирите избувнаа по мирниот протест на плоштадот Тетуан во Барселона.

Демонстрантите фрлале камења и разни предмети кон полицијата. Тие направиле барикади од превртени контејнери, а потоа ги запалиле. Пожарникарите се обиделе да го изгасне пожарот, а снимките од местото на настанот ги емитувала телевизијата „24 орас“.

И во Валенсија мирните протести прераснале во немири, каде полицијата користела пендреци против демонстрантите, пренесува телевизијата. Најмалку едно лице е повредено, а осум се приведени.

Протести се одржуваат и во другите шпански градови, вклучувајќи ги Саламанка и Викторија.

Во Мадрид, мали групи млади луѓе дојдоа во зградата на судот во текот на денот, што ги разгледува случаите на демонстрантите, кои беа приведени претходниот ден. Вчера за време на протестите беа приведени 19 лица, од кои 13 беа ослободени денес.

Денес пратеничката група „Унидас подемос“ се обрати до Министерството за правда на Шпанија со барање за помилување на раперот. Тие исто така бараат помилување за уште еден рапер Валтоник, кој отпатувал за Белгија и сега ја чека одлуката на белгиските судови за екстрадиција.

Во 2016 година, Хасел беше осуден на шест месеци затвор за напад и навреда на новинар на „ТВ3“. Тој мораше да му плати на новинарот надомест во износ од 12.150 евра. Против Хасел е поведена и правна постапка за наводно учество во насилен протест пред зградата на шпанската владина делегација во Леида во март 2018 година, објави јавната телевизија ТВЕ.

 

Слични содржини