Норвешката полиција забрани протест на кој беше планирано палење на Куранот

од Nikola Popovski

Норвешката полиција го забрани планираниот протест на кој беше најавено палењето на Куранот неколку часа откако турското Министерство за надворешни работи испрати жалба до норвешкиот амбасадор.

Група демонстранти планирале да запалат копија од Куранот пред турската амбасада во Осло во петок, соопшти тамошната полиција.

„Полицијата нагласува дека палењето на Куранот е легално во Норвешка, но дека овој настан не може да се одржи од безбедносни причини“, изјавил полицискиот инспектор во Осло, Мартин Странд.

Реакција на Турција

Овој потег дојде откако турското Министерство за надворешни работи го повика норвешкиот амбасадор Ерлинг Скјонсберг поради планираниот протест.

„Откако дознавме за планираниот напад на нашата света книга Куран во Норвешка, норвешкиот амбасадор во Турција штотуку беше повикан во нашето министерство“, изјавил турски дипломатски извор за „Anadolu Agency“.

Овој настан го коментираше и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој посочи дека „омразата не е слобода на изразување“.

„Видовте што се случи во Шведска, Холандија и Данска. Истото би се случило и во Норвешка. Денеска го повикавме норвешкиот амбасадор во нашето министерство, по што тие го откажаа одобрението што го дадоа за протестот. Злосторство против човештвото не е слобода на изразување. Ова е злосторство од омраза. Омразата не е слобода на изразување“, рекол Чавушоглу.

Против „напаѓање на која било религија“

Тој додаде дека Норвешка, Шведска, Данска и Финска имаат главно исти закони за слобода на изразување.

„Тие тврдат дека „живеат во понапредна демократија, но од овие четири земји, Финска, а сега и Норвешка, ги откажаа ваквите протести. Финска рече дека нема да дозволи, но во Шведска и Данска, под изговор на слободата на изразување, ја навредуваат нашата религија исламот, религијата на мирот и ја палат нашата света книга Куранот. Така е и во Холандија. Но, обидете се да го направите тоа против нив, веднаш ќе кажат расизам, ксенофобија, радикализација… Сето ова е погрешно. Сметаме дека тоа не е вистинската работа“, потенцирал Чавушоглу.

Тој истакнал дека не е во ред да се напаѓа и сквернави која било религија.

„Како верници, ние ја гледаме исламофобијата како злосторство против човештвото, но истото го гледаат и антихристијанството и антисемитизмот. Силно ги критикуваме постапките на Израел и кршењето на законите, но во нашата земја нема место за антисемитизам“, изјавил шефот на турската дипломатија.

Слични содржини