Нов предлог на рестрикции, ако не се почитуваат повторно ќе има полициски час

од Берта Китинска

Ако викендов продолжи трендот на пораст на новозаразени со Ковид 19, Комисијата за заразни болести ќе предложи нов мерки до Владата.

Ако граѓаните не ги почитуваат мерките ќе се преполнат болничките капацитети ќе се доведат во прашање ресурсите за лекување на болните, порачаа здравствените власти.

Да се зголеми бројот на автобуси

Граѓаните кои се возат во автобусите на ЈСП и да сакаат, немаат можност да држат дистанца и да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Граѓаните на Град Скопје кои го користат јавниот автобуски превоз не се во можност да ги следат и почитуваат мерките на Комисијата за заразни болести, која препорачува да се избегнуваат гужви, посочи Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.

„Апелирам да има повеќе автобуси, и да има поголем ред во градскиот превоз. Не може да нема автобуси, ќе запре градот. Ние ова како предлог ќе го доставиме формално до премиерот односно до Владата, а потоа очекувам постапување согласно нивните ингеренции“, рече Караџовски.

Економски субјекти да работат до 22 часот

Ресторани, кафеани, сендвичарници, кладилници и останати економски субјекти нема да работат од 23 часот навечер до 5 часот изутрина.

Според Караџовски не е многу важно дали одреден субјект ќе работи до 22 или 23 часот и тоа оставаат да одлучи Владата. Но потенцира дека главна цел е да ги спречат групирањата на младите кои изминатиот период за да бидат видени, оделе по журки и концерти непочитувајќи ги мерките за заштита.

„На овие настани никој не носеше маска, тоа го видовме и во медиумите. Од анкетите што ги направивме увидовме дека тоа се луѓе помеѓу 20 и 39 години и ова ни укажува дека тие не биле на домашна свеченост, туку во локал на журка“, изјави Караџовски.

Ова е последна фаза на мерки за кои здравствените власти се надеваат дека ќе донесат резултат, за да нема повторно полициски час.

За една недела Во Македонија се регистрирани вкупно 2394 нови случаи што е речиси 11% од вкупниот број на граѓани кои се заразиле од почетокот на епидемијата пред повеќе од 6 месеци.

Очекувано, најмногу активни случаи има во Скопје. Во главниот град се уште како позитивни се водат 2178 лица.

Загрижува податокот дека во Струмица иако има нешто над 50.000 жители во моментов има дури 303 активни случаи што во сооднос со бројноста на населението е исто како во Скопје да има близу 5.000 активни случаи.

Вчера беа направени 2306 тестирања, а регистрирани се 438 нови случаи на ковид-19

Во болнички услови починати се 6 лица, тројца пациенти од Скопје (75, 89 и 68г), од Крива Паланка (62г), Струмица (64г) и пациент од Штип (78г).

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 22607, бројката на оздравени пациенти е 16949, на починати е 821, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4837.

Слични содржини