Нов удар за Џонсон: Конзервативците ги загубија локалните избори на две места

од Stefanija Kuzmanovska

Конзервативната партија на британскиот премиер Борис Џонсон беше поразена на двата дополнителни избори во четвртокот, што е нов удар за партијата и за премиерот, кој најверојатно ќе ги обнови шпекулациите за неговата иднина, пишува во петокот „Ројтерс“.

Неуспесите, еден на традиционално конзервативниот југ и еден на северот на Англија, може да значат дека изборната коалиција составена од Џонсон во 2019 година може да почне да се распаѓа по неколкумесечни скандали и во услови на зголемени животни трошоци.

Џонсон се најде под голем притисок да се повлече од функцијата премиер, откако беше казнет за кршење на епидемиолошките правила за целосно затворање поради полициска истрага на собир на Даунинг стрит.

Тој го „преживеа“ гласањето за доверба на конзервативните пратеници овој месец, но 41 отсто од неговите колеги во парламентот гласаа за негово отстранување, а тој самиот е под комисиска истрага за можна намерна измама на парламентот.

Конзервативците изгубија мнозинство во Тивертон и Хонитон, во длабоко конзервативниот дел на југозападна Англија и на другите избори во Вејкфилд на северот на Англија.

Изборите беа првата можност за гласачите да го осудат Џонсон откако минатиот месец беше објавен осудувачки владин извештај, во кој се опишани низа нелегални забави одржани на Даунинг стрит за време на пандемија и покрај правилата за заклучување.

Џонсон во четвртокот ја отфрли можноста дека би можел да поднесе оставка во случај конзервативците да ги загубат двете места, велејќи дека е вообичаено владејачките партии да ги загубат дополнителните избори на средината на нивниот мандат.

Вонредните избори беа поттикнати од оставките на високите конзервативни пратеници, од кои едниот призна дека гледал порнографија во парламентот, а другиот беше прогласен за виновен за сексуално злоставување тинејџери.

Оливер Дауден, генералниот секретар на Конзервативната партија, во петокот поднесе оставка, велејќи дека не може да продолжи како ништо да не се случило по катастрофалниот исход од двата дополнителни избори, за кои некој мора да преземе одговорност.

-Вчерашните дополнителни парламентарни избори се последни во низата многу лоши резултати за нашата партија. Нашите поддржувачи се вознемирени и разочарани од неодамнешните настани и јас ги споделувам нивните чувства. Не можеме да продолжиме како ништо да не се случило. Некој мора да преземе одговорност и јас заклучив дека, во овие околности, не би било во ред да останам на функцијата – напиша Дауден во писмото со оставка до Борис Џонсон.

Слични содржини