Нов удар за Путин: Најмоќната технолошка компанија во Русија ја напушта земјата

од Stefanija Kuzmanovska

Матичната компанија на најсилната руска технолошка компанија Yandex сака да ги прекине сите врски со таа земја за да ги заштити своите нови компании од последиците на војната во Украина. Ова може да ги попречи плановите на Путин да развие домашни замени за високотехнолошките стоки кои доаѓаат од Запад, пишува „Њујорк Тајмс“.

Yandex, холандска компанија која често се нарекува „руски Гугл“, ќе ги однесе своите најперспективни нови технологии на пазарите надвор од Русија и ќе ги продава постоечките деловни операции во земјата, вклучувајќи го популарниот интернет прелистувач, фирмите за испорака на храна и апликациите за такси превоз, навеле за The Times луѓе вклучени во продажбата на компанијата.

Според нив, планот на компанијата е да се заштити од домашниот руски пазар и катастрофалниот ефект на западните санкции, кои би можеле да се прелеат на компании надвор од Русија.

Додаваат дека по инвазијата на Украина, развојот на нови технологии, како што се самоуправувачките автомобили, вештачката интелигенција и услугите „облак“ стана невозможен. Ваквите операции кои бараат пристап до западниот пазар едноставно би пропаднале.

Руската филијала на Yandex ќе продолжи да ги нуди истите производи во земјата под нови сопственици, рече друго лице запознаено со ова прашање, но не е јасно дали продажбата ќе се реализира. Имено, компанијата мора да добие одобрение од Кремљ за пренос на лиценци за технологија регистрирани во Русија надвор од земјата, изјави еден од инволвираните.

Исто така, ќе треба да најде купувачи, најверојатно во Русија, за да го префрли бизнисот, а целокупниот план за реструктуирање ќе треба да биде одобрен од акционерите на Yandex. Планот на Yandex моментално е поддржан од Алексеј Кудрин, генералниот ревизор на руската влада и доверлив човек на Путин.

Слични содржини