Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн му го предаде раководството на Крис Хипкинс на состанок во Велингтон, откако тој доби мандат од партиските пратеници да биде идниот премиер на земјата, пишува „Гардијан“.
Хипкинс во среда ќе положи заклетва како 41-виот премиер на Нов Зеланд, откако Ардерн минатата недела објави дека поднесува оставка од функцијата лидер на земјата и официјално му го предаде раководството на вчерашната партиска средба.
Хипкинс беше единствениот кандидат на лабуристите, кој беше едногласно избран од 64 пратеници за наследник на Ардерн, чиј е долгогодишен пријател и политички сојузник.
Тој најави дека неговата влада ќе биде фокусирана на егзистенцијалните прашања што секојдневно ги мачат обичните луѓе и на помагање на семејствата кои се борат „со тешки економски времиња“, истакнувајќи ја инфлацијата и високите цени на недвижностите како најголеми проблеми.