Нова студија покажа колку траат антителата по корона

од Stefanija Kuzmanovska

Антитела кои го неутрализираат ковид се присутни во крвта најмалку осум месеци по инфекцијата, покажа едно италијанско истражување.

Ова важи „без оглед на тежината на болеста, возраста на пациентот или присуството на други патологии“, се вели во студијата спроведена од престижната болница Сан Рафаеле во Милано во соработка со Институтот за јавно здравје.

„Присуството на антитела, иако се намалува со текот на времето, е долготрајно: осум месеци по дијагностицирањето, само тројца пациенти од 162 (од кои 29 починаа) повеќе не беа позитивни на тестот за антитела“, прецизира студијата.

Покрај тоа, се вели дека раната појава на антитела е „клучен за успешна борба против инфекцијата: оние кои не успеваат да ги произведат во првите две недели по инфекцијата, имаат поголем ризик од развој на сериозна форма на ковид 19“.

Благодарение на веќе користените техники за проучување на вакцините против ХИВ, истражувачите развија нов метод за проценка на антитела кои го неутрализираат SARS-CoV-2.

Студијата е спроведена на 162 пациенти позитивни на корона (67 проценти се мажи со просечна возраст од 63 години) кои дошле во службата за итни случаи во Сан Рафаело за време на првиот бран на пандемијата во Италија.

Првите примероци на крв беа собрани за време на дијагнозата во март-април 2020 година, а последните на крајот на ноември 2020 година.

Од овие пациенти, 57 проценти имале други патологии, главно хипертензија (44 проценти) и дијабетес (24 проценти).

Слични содржини