Новак: Сакаме да придонесеме за отстранување на пречките на патот на Македонија кон ЕУ

од Nikola Popovski

Унгарија сака да придонесе за отстранување на сите пречки на патот на Северна Македонија кон Европската унија, изјави во Скопје унгарската претседателка Каталин Новак.

На заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски, таа рече дека при неодамнешната посета на Бугарија, на средбата со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, разговарала и за спорот Софија-Скопје, со цел да се запознае со позициите на двете страни.

„Посетата на Бугарија, меѓу другото, имаше цел да ги запознае двете страни и нивните размислувања и интереси, а ние сакаме долгорочно да придонесеме за отстранување на сите пречки во натамошниот процес на европска интеграција (на Северна Македонија) во ЕУ“, рече Новак.

Како што Унгарија беше еден од најголемите поддржувачи на Северна Македонија на патот кон членство во НАТО, сега, како што истакна таа, „се надеваме дека наскоро ќе можеме да ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија во ЕУ“.

„Ќе се обидеме, доколку имаме можност, да придонесеме за расчистување на тие меѓусебни несогласувања (со Бугарија) што е можно поскоро“, кажа Новак.

Пендаровски ѝ се заблагодари на својата унгарска колешка за континуираната поддршка и рече дека очекува Македонија да види „уште подинамичен пристап и проактивност кон политиката на проширување на Европската унија“ во наредниот период од Унгарија, како и од другите земји-членки на ЕУ.

Слични содржини