Новата цена на пластичните кеси ќе ги намали нарачките и ќе доведе до затворање на погоните за производство

од Vladimir Zorba

Загриженост кај производителите на кеси по усвојувањето на Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Веќе е извесно дека регулативата која предвидува од 1 Декември пластичните кеси за носење и пакување на стока да се наплаќаат по 15 денари ќе предизвика големи штети и проблеми во нивното работење.

„Ќе се намалат нарачките на пластични кеси, а со тоа ќе се намали и работата во производствените погони. Тоа ќе доведе до отпуштање на многу работници, а во најлош случај и ставање клуч на врата на многу производители“, вели за „Локално“ еден од најголемите производители на кеси во Македонија, кој сакаше даостане анонимен.

Како најголем проблем го посочува фактот дека се уште не се знае регулативата со која ќе се одредат критериумите и стандардите кои ќе треба да ги задоволат пластичните кеси за носење и пакување стока во маркетите. Тоа според нашиот соговорник практично значи дека не е одредена дебелината на самите кеси.

Како дилема тој посочува уште два аспекта: Законот бара да се исфрлат од употреба, односно да не се произведуваат кесите кои се многу тенки, или оние со дебелина под 15 мкр. а кои досега се користеа за пакување и носење на лесна стока (најчесто кај пиљарите и пекарите), со исклучок на биоразградивите и рециклираните кеси над 15 мкр. Од друга страна, законот бара да се исфрлат кесите кои се користат за еднократна употреба како најголем отпад со кои се загадува животната средина.

„Дали тоа значи дека пластичните кеси коишто ќе се користат во иднина ќе бидат наменети за повеќекратна употреба, односно ќе бидат многу подебели од 15 мкр. и истите ќе треба да ги задоволат критериумите за биоразградивост?“, е едно од основните прашања на производителите на кеси.

Дилеми според нив има и во однос на употребата на адитивите кои се користат за побрзо распаѓање на кесите.

„Ние и досега користевме адитиви, но не се знае колкав е тој рок за да дојде до распаѓање на пластичните кеси и дали адитивите кои досега се користеа овозможуваа тие да се распаѓаат во разни средини како воздух, почва и вода“, објаснува за „Локално“ еден од производителите на кеси.

Оттука, според него, барањата во законските измени не се јасни, но претпоставка е дека кесите кои ќе се користат во иднина ќе треба да бидат органски направени од природни материјали. Икуствата од развиените земји покажуваат дека тие се изработуваат од пченка, но во опција се и други алтернативи.

Во меѓувреме, релативно кусиот рок до кој треба да почне да се применува новиот закон е причина поради која во овој период клиентите нарачуваат многу поголеми количества пластични кеси за разлика од претходно. Така на пример, ако некој трговец досега имал потреба од 100 килограми, сега нарачува 300- 350 килограми. Логиката по којашто се водат е создавање поголема залиха која треба да им ги задоволи потребите и за периодот по 1 Декември.

„За нас тоа не е тешкотија, но не знаеме дали е исправно или погрешно“, велат производителите.

Недефинираната регулатива за критериумите и стандардите коишто ќе треба да ги задоволат пластичните кеси според нив може да создаде проблем, бидејќи дополнителната, голема количина на овие кеси може да им биде целосно неупотреблива ако се покаже дека не ги задоволуваат потребните барања.

К.В.С.

Слични содржини