Новата Влада доби и нов партнер

од Берта Китинска

Собранието на Република Северна Македонија по дводневната расправа ја изгласа новата Влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и ниту еден воздржан Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа новата Влада.

Новата Влада се здоби и со нов партнер Алтернатива, со три министерски места. Беким Сали го наследува Венко Филипче како министер за здравство, Адмирим Алити е нов министер за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи министер без ресор задолжен за дијаспората.

За вицепремиер за европски прашања избран е Бојан Маричиќ од редовите на СДСМ, досегашен министер за правда, додека за вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, за одржлив развој и човечки ресурси, Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ. За вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции избран е Фатмир Битиќи, актуелен вицепремиер, од редовите на СДСМ. За министри во новата Влада од редовите на СДСМ избрана е Славјанка Петровска, која ќе раководи со Министерството за одбрана, со чија функција досега раководеше Радмила Шекеринска.

Функцијата министер за внатрешни работи ќе продолжи да ја извршува Оливер Спасовски. За министер за правда избран е Никола Тупанчевски, професор на Правниот факултет. За министер за труд и социјална политика избрана е Јована Тренчевска, додека со Министерството за транспорт и врски ќе раководи Благој Бочварски. За министерка за култура избрана е Бисера Костадиновска Стојчевска од редовите на СДСМ, додека Љупчо Николовски е избран за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од редовите на ДУИ за министри се избрани Бујар Османи, кој и понатаму ќе раководи со Министерството за надворешни работи, Фатмир Бесими повторно е избран за министер за финансии, како и Крешник Бектеши, досегашниот министер за економија, кој е повторно избран на ова функција. Јетон Шаќири, кој досега ја извршуваше функцијата министер за информатичко општество и администрација, сега е избран да раководи со Министерството за образование и наука. Со Министерството за животна средина и просторно планирање и понатаму ќе раководи Насер Нуредини од ДУИ.

Исто така, за министер за локална самоуправа е избран Горан Милевски од Либерално демократската партија (ЛДП) која е во коалиција со СДСМ.

Слични содржини