Нови американски санкции за „Северен тек 2“, европските компании го напуштаат проектот

од Vladimir Zorba

Стејт департментот не преговара со Берлин за дополнителен неформален договор што ќе овозможи комплетирање на гасоводот „Северен тек 2“ (СТ2), изјави Моли Монтгомери, помошник државен секретар на САД за азиски и европски прашања. Неколку дена претходно, еден од петте европски инвеститори, германската компанија Wintershall, се повлече од проектот.

Според американскиот портал Аксиос, тоа Монтгомери го изјавил на брифинг за членовите на американскиот конгрес. Коментирајќи ги наводите на Берлин за „размена на мислења“, Стејт департментот рече дека тоа не треба да се сфаќа како преговори. Американската страна му ја пренесе на Берлин својата загриженост во врска со СТ2, пренесува РИА Новости.

Дебатата за изградбата на СT2 во Конгресот е опишана како напната. Сенаторите ги прашаа претставниците на американската администрација зошто сè уште не се изречени санкциите против компанијата Nord Stream 2 AG „која е сопственик на СТ2“. Стејт департментот, наводно, објаснил дека е потребно многу време да се воведат санкции.

Медиумите претходно известуваа за тајни преговори меѓу Германија и Соединетите држави за СТ2. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас рече дека Берлин е зафатен со создавање услови за завршување на работите. Тој оцени минатиот месец дека американските власти, донесувајќи одлука за следните санкции против проектот во декември, посочија дека ќе одржат „консултации на ниво на влада“ пред воведувањето на нови ограничувања.

Во исто време, Комисијата за размена на хартии од вредност на САД започна истрага против домашната компанија за услуги на нафта и гас Baker Hughes во врска со соработката во проектите што се најдоа под санкции на САД, пренесува руски „Vzglyad“, повикувајќи се на Ројтерс.

Медиумите минатата недела објавија дека најмалку 18 европски компании се повлекле од учество во проектот СТ2 поради заканата на САД за санкции. Меѓу нив е и германската компанија за гас Wintershall, која го заврши учеството во проектот во кој инвестираше 730 милиони евра. Исто така, Munich Re Syndicate Ltd ја прекина соработката со конзорциумот СТ2.

На списокот за потенцијални санкции, кој беше доставен до Конгресот од страна на Стејт Департментот, се вбројуваат рускиот брод „Фортуна“ и неговиот сопственик, компанијата КБТ-Рус, која веќе беше предмет на ограничувања, воведена од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Санкциите на САД се насочени кон приватни компании вклучени во проектот. На почетокот на оваа година, владата на германската сојузна држава Мекленбург-Западна Померанија воспостави јавна фондација што потенцијално може да ги преземе санкционираните активности, бидејќи фондацијата „не мора да стравува од санкции“, како што наведува германското Министерство за енергетика во изјава за Дојче веле.

Изградбата на преостанатите 160 од вкупно 2.450 километри цевководи запре пред повеќе од една година кога швајцарската компанија „Allseas“, која го градеше гасоводот, се повлече од работа под закана од американски санкции. Во јули, американскиот Сенат вклучи санкции против руско-германскиот проект за изградба на гасоводот СТ2 во нацрт-буџетот за национална одбрана, а тоа беше сторено и во декември.

Проектот СТ2 предвидува изградба на два цевководи со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно во должина од 2.450 километри, што е растојание од Виборг во Русија до Грисвалд во Германија, а досега повеќе од 90 проценти од планираните работи се завршени.

СT2 е партнерство на руски „Гаспром“ и пет европски енергетски компании – француски ENGIE, австриски OMW, британско-холандски Royal Dutch Shell и германски Uniper и Wintershall, и секоја од европските компании вети дека ќе учествува во финансирање на проектот со 950 милиони евра, додека остатокот од финансирањето го презеде руската компанија. Според првичниот план, гасоводот требаше да профункционира до крајот на 2020 година.

loading...

Слични содржини