Нови изданија на учебници од коишто новите генерации странски македонисти ќе ја изучуваат македонистиката

од Vladimir Zorba

Нови изданија на учебници по македонски јазик, литература и култура од коишто новите генерации странски македонисти ќе ја спознаваат и изучуваат македонистиката беа промовирани вчера, на отворањето на јубилејната 55. Летна школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Со овие изданија, за првпат, учебници по македонски јазик, литература и култура воопшто, а не само оние коишто првенствено се наменети за странци, веќе се подготвуваат, односно објавуваат и како аудиокниги. Овие изданија коишто МСМЈЛК при УКИМ ги објави неодамна во печатена форма, за првпат ќе се користат токму на 55. Летна школа во Охрид, на којашто учествуваат најголем број семинаристи изминативе години, а веќе од следната академска година ќе може да се користат и на сите странски високообразовни и научни центри во светот на коишто се изучува македонистиката, вклучително и во наставата на лекторатите по македонски јазик.

Конкретно, станува збор за учебниците за странци – „Тешкото” (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје” (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка” (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. По нивната првообјава во 2019 година, годинава за прват се објавени нови, дополнети изданија на овие учебници, со нови содржини коишто ќе придонесат изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура да биде уште попривлечно за новите македонисти од странските академски средини, но и ќе им овозможат и уште потемелни знаења и подобро совладување на спецификите на македонистиката.

На отворањето на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, новите изданија ги промовираше деканката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, проф. д-р Анета Дучевска.

Таа напомена дека овие учебници за првпат беа објавени по претходна подолга пауза на вакви изданија за странските слависти и македонисти и дека нивното објавување се контекстуализира и со чествувањето на делото на Конески, што се согледува и преку нивните наслови.

„Навистина имаме квалитетни учебници што ги покриваат основните рамништа според европската рамка на познавање јазици – рамништата А1, Б1 и Ц1, а истовремено се солидна, одлична база и за следни подновени или сосема нови изданија.” – истакна деканката Дучевска, којашто е и автор на актуелниот учебник по македонски јазик за странци, за напреднато рамниште.

Од страна на странските македонисти и слависти и воопшто на странските високообразовни и научни центри, веќе има голем интерес за овие учебници, со оцени дека станува збор за исклучително квалитетни и важни публикации со коишто се постигнува ново, повисоко ниво на квалитет во наставата по македонистика. Со заложбите на МСМЈЛК при УКИМ во многу кус временски период веќе да се појават и нови, дополнети изданија во коишто се ползувани и најновите искуства од наставата по македонски јазик, литература и култура за странци се постигнува значаен чекор во приближувањето на македонистиката кон новите интересенти од странските академски средини, со учебници коишто се во согласност со највисоките меѓународни стандарди.

Со дополенијата во новите изданија, квалитативно, овие учебници се на уште повисоко рамниште, што се очекува дека ќе дојде до израз уште во рамките на лекторската настава на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а веќе од следната година да биде позабележливо и преку резултатите од наставата по македонистика на странските универзитети.

Дополнително во оваа насока ќе се придонесе и со подготовката на овие изданија и како аудиокниги, којашто веќе се одвива во соработка на МСМЈЛК при УКИМ со Групата за говорни технологии при Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ, „Говор@ФЕИТ”. Со ова ќе се овозможи при користењето на учебниците, странските слависти и македонисти покрај тоа што ќе ја прочитаат, и да ја слушнат македонската реч, што е особено важно за уовршувањето на спецификите на македонскиот јазик. Предвидено е во дополнителната, аудиоформа, учебниците да се објавуваат етапно.

Осврнувајќи се на секој од учебниците одделно, за учебникот „Тешкото” од проф. д-р Симон Саздов, треба да се истакне дека е осмислен да биде функционален и во јазичнохомогени и во јазичнохетерогени состави на групи и е усогласен со европските стандарди за усвојување јазик на почетно рамниште. Соодветен е за интензивна индивидуална и за групна настава, а по концепција е комбинација од комуникациски и граматички метод.

„Лозје” од доц. д-р Гордана Алексова е изработен според стандардите на Заедничката европска рамка за јазиците и во таа смисла е приспособен за настава на рамништата Б1 и Б2, а е функционален спој на живиот јазик и граматиката. Комуникативниот пристап во претставувањето на јазичните содржини и на дидактичката апаратура овозможува нивно оживотворување во интересни комуникациски ситуации од реалниот живот.

„Везилка” од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, всушност е и прв учебник по македонска литература и култура за странци и е иновативен чекор во областа на методиката на наставата по книжевност. Едновремено, тој е и синтетизирана македонска книжевна и културна историjа. Во него е синтентизиран огромен корпус од критичката и од уметничката литература и опфатени се сите вредносни пројави на македонската литература и култура. Учебникот има и придружна читанка, којашто претставува избор текстови од македонската литертура: песни, раскази, фрагменти од романи и драми, како и од литературата за деца.

Овој учебник од пред неколку дена, веќе е достапен и како аудиокнига, снимена во говорното студио на ФЕИТ, од тим на студенти водени од проф. д-р Бранислав Геразов. Подготовката на аудиокнигата беше финансирана од интегративните средства на УКИМ во рамките на проектот за реализација на Нова инклузивна дигитална библиотека (ИнДиБиб).

Веќе се работи на подготовка и на другите учебници во издание на МСМЈЛК при УКИМ како аудиокниги. Подготвеноста и желбата на уште еден факултет при УКИМ којшто е надвор од сферата на хуманистичките науки активно да се вклучи во остварувањето на целите на МСМЈЛК, дополнително укажува дека во академската заедница сè повеќе се препознава важноста на активностите коишто претставуваат долготраен влог во македонистиката и нејзината афирмација во странство.

Во време кога во глобални рамки, интересот за славистиката и не е на високо рамниште како претходно, како резултат и на ваквите заложби и вложувања на МСМЈЛК при УКИМ какви што се и овие учебници, како и на севкупниот проактивен однос на Семинарот и лекторатите по македонски јазик којшто додеве и до унапредување на соработката со странските универзитети, интересот за македонистиката е на завидно ниво. Дотолку што постои видлив интерес за изучување на македонскиот јазик и во земји на чиишто универзитети досега македонистиката не била одделно присутна како научна дисциплина, за што говори и учеството на семинаристи од неколку такви земји и на 55. Летна школа којашто ќе се одвива до 2 септември. Податоците говорат дека како резултат на овие заложби на МСМЈЛК при УКИМ, во рамките на јужнословенскиот ареал, македонскиот јазик, литература и култура се издвојуваат како едни од ретките, а можеби и единствени за коишто во толку кусо време се објавени повеќе изданија на референтни учебници за странци издадени од високообрзовна институција, преку коишто значајно се унапредуваат можностите за изучување на јазикот и националната книжевност и култура од посветеници од странските академски средини.

Покрај во печатена форма и покрај планираното аудиоиздание во соработка со ФЕИТ, новите изданија на учебниците „Тешкото”, „Лозје” и „Везилка”, коишто беа промовирани на отворањето на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, насокоро ќе бидат достапни и во електронска текстуална форма, преку веб-страницата на УКИМ. Ваквата објава е резултат на јасната определба на МСМЈЛК при УКИМ да овозможи пристап до што повеќе ресурси за сите интересенти за македонистиката од странските академски средини.

Инаку, 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се одвива успешно, со интензивна лекторска настава во којашто се користат и овие учебници, а денес ќе биде одржано и првото предавање предвидено со програмата.

Слични содржини