Нови лажни дојави за бомби во основни училишта во Скопје

од Nikola Popovski

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училиштата во скопско кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.

Имено, денеска (02.12.2022) околу 07.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронски адреси на три основни училишта во скопско е упатена закана за поставена експлозивна нaправа.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.

Ова е втор ден по ред дојави за бомби да добиваат и основни училишта во Скопје. Вчера имаше закани за бомби во училиштата „Кочо Рацин“ и „Петар Поп Арсов“.

Претходно закани пристигнуваа само на електронските пошти на поголемите средни училишта во главниот град.

Вчера министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски информира дека МВР веќе има осомничени лица за дојавите на бомбите во скопските училишта.

Слични содржини