Нови мерки во борбата против Ковид-19: Прво се пријавуваш на список, па после тоа седнуваш да пиеш кафе

од Nikola Popovski

Одењето на кафе или оброк во ресторан во Виена од понеделник нема да биде можно без да му ги дадете на сопственикот апсолутно сите информации за вас. Тоа е најновата мерка во борбата против коронавирусот.

Имено, секој што ќе сака да посети кафулиња, ресторани и барови од следната недела, ќе мора да се регистрира на влезот во посебни списоци, што ќе му овозможат на сопственикот на ресторанот да ги информира потенцијално ранливите граѓани, во случај да биде регистрирано дека некој од вработените или гостите е позитивен на коронавирусот.

Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, изјавил дека новата мерка ќе стапи на сила од понеделник, но дека се уште се работи на тоа како точно ќе се информираат загрозените.

Одлуката за стапување на сила на новата мерка е донесена откако во последните 24 часа во Австрија биле регистрирани 832 нови случаи на инфекција со коронавирус.

Тоа е петта најголема вредност на новозаболени лица од избувнувањето на епидемијата во Австрија, на крајот на февруари. Експертите наведуваат дека состојбата во Виена е особено алармантна бидејќи се евидентирани 431 нов случај на инфекција, што одговара на дури 51,8 проценти од сите нови инфекции.

Расте и бројот на хоспитализирани лица, кој од вчера е зголемен за уште 50 пациенти.

Во моментов во Австрија има 8.470 активни пациенти, од кои 463 се хоспитализирани, а 78 се на интензивна нега.

Регистрирани се и шест нови смртни случаи, со што бројот на смртни случаи се искачил на 783.

Од почетокот на епидемијата во Австрија, 40.914 лица биле тестирани на вирусот како позитивни, од кои 31.661 биле излекувани.

Слични содржини