Нови предлози за интеграција на Западен Балкан во економскиот пазар на ЕУ

од Vladimir Zorba

Предлозите за нови модели на пристапување кон ЕУ за Западен Балкан, кои би вклучиле постепена интеграција на земјите пред полноправно членство, беа во фокусот на дискусијата „ЕУ интеграција на Западен Балкан: Како да заживее процесот во застој?“, во организација на Aspen Institute Germany.

Според основачот на Европската иницијатива за стабилност, Џералд Кнаус, на Западен Балкан треба да му се понуди привлечна привремена цел – членство во единствениот пазар – со цел да се врати влијанието на ЕУ во регионот. Тој потсети дека во 1990 -тите, на Австрија и Финска им беше дозволено да се приклучат на единствениот пазар пред да станат полноправни членки.

Кнаус го коментираше случајот со Турција, нагласувајќи дека влијанието на ЕУ во таа земја е многу ограничено, а една од причините е што граѓаните и политичките елити престанаа да веруваат дека пристапувањето во Унијата некогаш ќе се случи. Тој додаде дека слична е ситуацијата и на Западен Балкан.

Кнаус, исто така, тврди дека понудата за членство на единствениот пазар би го вратила влијанието на Европската унија врз владеењето на правото, бидејќи земјите ќе треба да покажат резултати и искрена намера да станат членки.

Директорката на Институтот за европска политика во Скопје (ЕПИ) и членка на мрежата Think for Europe (TEN), Симонида Кацарска, се согласи дека има потреба да се размислува „надвор од кутијата“ и дека, иако некои предлози може да звучат драстично, минорни прилагодувањата не се успешни.

„Чувството е дека смезаглавени. Дваесет години не се многу во историска смисла, но ако навистина ги живеете, тоа е долг процес“, рече Кацарска, цитирана од „Бизнис“.

Таа и нејзините колеги од ТEN предлагаат постепено членство или диференцирана интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Директорката на Одделот за финансии при германското Министерство за надворешни работи, Сабинe Стор, оцени дека предлогот за влез на земјите од Западен Балкан на единствениот пазар пред да станат полноправни членки нема да биде доволно атрактивен. Таа, сепак, додаде дека се залага за интеграција на Западен Балкан во економските аспекти на Унијата, каде што е можно.

Таа, исто така, укажа на потребата од стратешки дијалог во ЕУ за тоа зошто му е потребен Западен Балкан, реформиран и демократски.

Од друга страна, таа тврди дека противењето од земјите -членки не е примарна причина за одложено проширување, туку недостаток на фундаментален напредок во регионот.

Слични содржини