Новинарка повикана во полиција за објавен текст

од Nikola Popovski

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро го осудува повикувањето на службен раговор во полициска станица поради објавен текст на новинарката на СДК, Соња Делевска.

Според синдикатот, полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена, а слободата на изразување казнувана.

Од таму бараат експресно расветлување на случајот, брзи одговори и јавно извинување „бидејќи ваквата полициска постапка длабоко задира и во инаку кревката сигурност на новинарите во земјата“.

-Дополнително, ваквиот чин би можел да создаде пракса на барање на суетни административци на полициски распит да се повикуваат новинари за објавени текстови, што е неприфатливо. Оттаму вознемирувањето на еден новинар го доживуваме како атак врз целата професија, стои во реакцијата на ССНМ.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осуди настанот.

Од Хелсиншкиот комитет коментираат дека во текстот, каде е пренесена изјава на адвокатка, која обвинува за побаран поткуп во Министерството за правда, се препознала државна службеничка од министерството. Иако службеничката не била експлицитно именувана во текстот, таа поднела пријава против Делевска, поради тоа што почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот.

Хелсиншкиот комитет бара од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи да ја истражи основаноста на постапувањето на полициските службеници во овој случај и да ја извести јавноста за исходот.

Слични содржини