Новиот претседател на Тајван ја повика Кина да престане со политичкото и военото заплашување

од Milan1
297 прегледи

Новиот тајвански претседател Лаи Чинг-те, во својот говор на инаугурацијата, ја повика Кина „да престане со политичкото и военото заплашување“ и му се заблагодари на народот на Тајван за отпорот на влијанието на „странските сили“.

Кина треба „да го запре политичкото и военото заплашување на Тајван, да ја сподели со Тајван одговорноста кон светот и да го одржи мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, како и во целиот регион, и да се погрижи светот да се ослободи од стравот од војна“ рече Лаи во говорот во претседателската палата во Тајпеј.

„Исто така, сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани што одбија да бидат под влијание на странските сили и цврсто ја бранат демократијата“, додаде Лаи, нагласувајќи дека „дојде славната ера на тајванската демократија“.

Тој ја истакна важноста од зајакнување на одбраната на земјата. „Соочени со бројни закани и обиди за инфилтрација, треба да покажеме решителност да ја браниме нашата нација, треба да ја зголемиме и нашата одбранбена подготвеност и да ја зајакнеме нашата национална безбедносна правна рамка“, рече Лаи по преземањето на функцијата.

Тој рече и дека е за задржување на статус кво состојбата во Тајванскиот теснец.

Лаи беше избран во јануари и го наследи претседателот Цаи Инг-вен, чии осум години на функција беа обележани со влошување на односите со Пекинг.

Лаи потекнува од Демократската прогресивна партија (ПДП), како и неговиот претходник, и претходно беше опишан како прагматичен поборник за независност на Тајван.

Тајван е самоуправен остров со 23 милиони жители, кој Кина го смета за дел од својата територија и има намера да го врати под своја контрола, доколку е потребно со сила.

Слични содржини