Новиот Закон ќе ја деполитизира администрацијата, на раководна функција ќе се доаѓа само со стручност

од Берта Китинска

Законот за висока раководна служба е сосема нов закон во правниот систем во нашата држава и треба да овозможи деполитизација на администрацијата од врвот на пирамидата. Текстот на законот, според планот, во наредните две недели би требало да биде објавен на ЕНЕР, да добиеме коментари, а ќе организираме и јавни дискусии, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити на онлајн дискусијата „Именување по мерит: Што да очекуваме од законот за висока раководна служба“ во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Министерот Алити вели дека системот на висока раководна служба што се предлага треба да обезбеди постигнување на две клучни цели и тоа: прво, професионални високи раоводители избрани преку отворена и меритократска постапка врз основа на нивните професионални компетенции и второ, воспоставување на односи на доверба и одговорност помеѓу политички избраните и именуваните лица и високите раководители. Засега со овој закон, додаде тој, би требало да бидат опфатени 130 институции со идеја тој број да се зголеми. Институциите од локалната самоуправа засега нема да бидат опфатени со овој закон.

– Во овој нов предлог – закон, комисијата за висока раководна служба е утврдена како самостоен државен орган со својство на правно лице и со сопствен буџет и одговара пред Владата. Законот се одесува на секретарите во министерствата, директорите во органите на државната управа, директорите на директоратите и директорите на јавните претпријатија основани од Владата. Имплементацијата ќе оди паралелно ќе оди со процесот на реорганизацијата. Најпрво ќе се применува во МИОА, во Министерството за економија и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостоанство, рече Алити.

Во насока на целосна деполитизација на администрацијата и воспоставување на систем на заслуги на процедурите за вработување во изминатиот период МИОА работеше и подготви три нови закони. Како што информираше министерот станува збор за законот за висока раководна служба, законот за вработените во јавниот сектор и законот за административни службеници.

– Овие три закони кои се меѓусебно поврзани се основа за целосно исклучување на политичките вијание и сите други влијанија во постапките за вработување во јавниот сектор, рече Алити. Овие закони, како што нагласи министерот, се особено битни и намерата е во наредните месеци да бидат доставени во Парламентот.

Слични содржини