Новиот  закон за минерални сурови ќе ги „докусури“каменоломите

од Vladimir Zorba

Потпретседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР) и сопственик на каменолом Шефки Алити не штеди зборови на критика во однос на предложениот закон за минерални суровини. Незадоволен од како што вели „игнорантскиот“ однос на Владата, особено на министерот Бектеши, тој во разговор за „Локално“ предупредува на негативните ефекти на некои од решенијата, особено на оние кои се однесуваат на заострување на условите за работа на концесионерите. Состојбата според него и досега била тешка, особено кај каменоломите, но тоа не ја спречило Владата да ги поскапи концесиите за експлоатација.

„До 31.12.2020 г. плаќавме 9 денари по продаден тон, а од 01.01.2021 плаќаме по 11,70 денари по продаден тон. Разликата е 2.70 денари, а во проценти ова поскапување изнесува 23%“, вели Алити.

Во меѓувреме поскапена е нафтата и струјата , што според него само ја влошило сегашната ситуација во која каменоломите се на нула, без добивка.

„На владините претставници ми порачав дека во вакви услови е најдобро да им ги предададам клучевите од каменоломот каде што што сум јас сопственик, бидејќи ќе бидеме посреќни доколку останеме без него“, посочува Алити.

Алармира дека во изминатиот период биле затворени шест каменоломи во Струга на кои Министерството за економија им ги одзело  концесиите, порачувајќи им дека  треба да ја вратат техничката документација (проектот) кој чини 50.000 евра.

„На овој начин, без работа и извор на приход,останаа 50 домаќинства“, вели Алити.

Дали имавте и кои беа вашите забелешки на предлог текстот за минерални суровини?

-Јас, како потпретседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР) заедно со целото раководство одржавме само еден состанок со министерот за економија Крешник Бектеши.Од негова страна не беше прифатена ниту една наша забелешка во однос на предложениот текст.Сега кога документот најверојатно ќе биде изгласан во Собранието, веќе не можеме да сториме ништо, бидејќи никој од  надлежните институции не сакаше да ги слушне нашите ставови. Имам чувство како Владата се повеќе да води сметка за своите потреби, отколку за бизнисот.Таа треба да биде дел од решението, да има разбирање за тешката економска ситуација и за последиците од ковид кризата.Во пракса се случува токму спротивното. И покрај нашето спротиставување, беше донесена одлука за поскапување на концесиите за експлоатација на минерални суровини.

Од друга страна, состојбата особено во каменоломите е тешка.  До 31.12.2020 год. плаќавме по девет денари од продаден тон, а сега, од 01.01.2021 плаќаме по 11,70 денари по продаден тон. Разликата е 2.70 денари, а во проценти ова поскапување изнесува 23%.Во исто време поскапена е нафтата, како и струјата. Само за споредба, минатиот јули плативме 220.000 денари за струја, а овој 340.000 ден. Се прашувам зарем Владата не гледа што ни прават со овие сметки? Како да ги платиме? Во моментов, состојбата во каменоломите е на нула, немаме добивка, туку само се обидуваме да не влеземе во загуба.На владините претставници ми порачав дека во вакви услови е најдобро да им ги предададам клучевите од каменоломот каде што сум јас сопственик,бидејќи ќе бидеме посреќни доколку останеме без него.

Дали со ова законско решение може да се очекува дека ќе се подобрат состојбите во оваа стопанска гранка?

-Не верувам. За предложените решенија не бевме консултирани ние како Македонска асоцијација за рударство (МАР), ниту пак Рударкиот факултет во Штип. Требаше да се прашааат концесионерите, да се бара став од Стопанската комора која во моментов поради ковид кризата е комплетно неактивна. Потребно беше да се организираат состаноци и да се слушне мислењето на сите инволвирани. Владата не ја познава проблематиката и тука е проблемот.Најголемиот апсурд е во тоа што во Министерството за економија нема вработено инженер за рударство, па така економисти и геолози носат решенија за нашиот сектор и решаваат за судбината за илјадници вработени. Ваквиот однос кон рударството е несфатлив, особено ако се има предвид фактот дека рударството учествува во вкупната економија на државата со 30%.

Новото законско решение предвидува повеќе основи за еднострано раскинување на договорите за концесија за екслоатација на минералните суровини.Какви ќе бидат последиците?

-Оваа држава еднаш треба јасно да се изјасни дали и треба рударство.Доволно е да се погледнат странските искуства и нивниот бенефит. Само за споредба, во Турциј експлоатација на злато врши канадска фирма.Поради нејзините успешни резултати во работата, турската влада и додели уште една концесија.Кај нас беа одземени три концесии за експлоатација на злато на фирми кои веќе донесоа машинерија вредна повеќе милиони евра. Сега се стои, а како основна причина останува пораката дека ‘’не го даваме нашето злато’’.Турција, Србија, Косово дозволуваат експлоатација на оваа благородна руда, свесни дека фирмите коишто вршат ископ вработуваат луѓе, плаќаат даноци на државата, овозможуваат економски живот на цели региони…

Што се однесува до вашето прашање за едностраното раскинување на договорите за концесија, одговорот е повеќеслоен.Во изминатиот период беа затворени шест каменоломи во Струга на кои им беа одземени концесиите.Министерството за економија им ги одзеде каменоломите на сопствениците само со едно писмо во кое пишуваше дека треба да ја вратат техничката документација(проектот). Колку за потсетување, само изработката на  проектната документација чини 50.000 евра, но најнегативниот економски ефект од ваквиот чекор е отпуштањето на работниците. Барем 50 домаќинства останаа без плата и извор на приход, па околу ова некој треба да се подзамисли.Наводната причина беа еколошките последици по едно од  околните села, но тврдам дека вистината треба да се бара на некое друго место бидејќи ова место е далеку од каменоломите.

Дали сметате дека заострувањето на условите за работа ќе даде повеќе позитивни ефекти, особено по забелешките што неодамна ги даде Државниот ревизор во однос на наплатата на концесиите и облагодарувањето на земјиштето?

-Цела ситуација околу наплатата на концесиите премногу се издраматизира.Во моментот на обелоденувањето на забелешките на Државниот ревизор се уште се подготвуваше документацијата.Повторните проверки покажаа дека сепак наплатите биле редовни и дека забелешките биле избрзани.

Сакам да посочам дека како МАР сме незадоволни и од зголемувањето на износите на глобите кои се предвидени во предлог законот за минерални суровини.Ваквиот чекор е контрапродуктивен имајќи ја предвид исклучително тешката економска ситуација во државата.Политиката и ветувањата на Владата беа дека казните треба да се намалуваат, па оттука не ја разбирам последнава тенденција.

К.В.С.

Слични содржини