Ново истражување: „Нешто чудно се случува со кучињата во Чернобил“

од Stefanija Kuzmanovska

Кон крајот на месецот, поточно на 26 април, ќе биде одбележана 37-годишнината од една од најголемите катастрофи кои се случија во Европа – несреќата во четвртиот реактор на нуклеарната централа од Чернобил. Неколку дена по катастрофата, за која се уште не се знае колку човечки животи однесе, целата област околу електраната беше евакуирана. Таа стана воена зона, зона на исклучување, во која не живеат луѓе.

Вистина е дека некои се вратиле, поточно постарите жители на околината кои едноставно немале каде да одат. Денеска, освен нив, во Зоната живеат само работниците кои ја „одржуваат“ (две недели месечно, а потоа извесно време не смеат да дојдат никаде во нејзина близина) и туристите кои ја посетуваат. Но, има уште некој – животните.

Зоната од која луѓето се речиси целосно отстранети, неочекувано стана рај за животните. Не само диви животни, туку и кучиња. Некои од нив се потомци на оние кои по експлозијата побегнале во шумата, далеку од луѓето. Токму овие кучиња биле проучувани од експерти за да видат како изложеноста на зрачење влијае на нивната ДНК и дали тоа го забрзува природниот тек на еволуцијата.

Експерти од Универзитетот во Јужна Каролина и Националниот институт за истражување на човечкиот геном започнале да проучуваат кучиња, а резултатите ги објавија во списанието Science Advances.

„Дали имаат такви мутации кои им овозможиле да живеат и да се размножуваат на тој простор? Со какви предизвици се соочиле и како генетски се прилагодиле на нив?“, ги појаснува главните прашања на студијата нејзиниот коавтор Елејн Острандер за „Њујорк Тајмс“.

Студијата откри дека кучињата кои живеат во близина на затворената нуклеарна централа (во градот Припјат) имаат различна генетика од оние кои живеат малку подалеку, во самиот град Чернобил, кој е подалеку од поранешната електрана. Ова докажува дека овие кучиња претрпеле некаква брза мутација, т.е. еволуција, поради изложеност на радијација.

Оваа студија ја постави основата за понатамошни истражувања за ефектите на зрачењето врз поголемите цицачи. Иако нема јасен заклучок, само потврда за разликите во ДНК, таа покажа дека областа, за која сите очекуваа дека е целосно мртва, „пука“ од живот, но ни помага и подобро да го разбереме влијанието на радијацијата врз природната еволуција.

Слични содржини