Ново истражување: Несреќните бракови се подобри за вашето здравје отколку да бидете сами

од Stefanija Kuzmanovska

Кога ќе се венчаат, сопружниците се апсолутно сигурни дека ја нашле вистинската личност со која сакаат да останат до крајот на животот. Сепак, неизбежно е по некое време да дојде до расправии и несогласувања, па многу луѓе да се одлучат да се разведат.

Повеќето луѓе мислат дека разводот ќе го реши секој проблем и дека е „најдобро и за двајцата“, но дали е навистина така? Според Dailymail, новата студија покажува дека луѓето кои живеат со брачниот другар имаат помали шанси да развијат дијабетес тип 2, без оглед на нивниот однос.

Експертите веруваат дека паровите меѓусебно влијаат на однесувањето, а пример за тоа е поздравата исхрана, која е важна за целокупното здравје.

Претходните истражувања покажаа дека бракот може да доведе до низа здравствени придобивки, вклучувајќи подолг живот, помалку мозочни удари и срцеви удари, помал ризик од депресија и поздрава исхрана од оние кои се сами.

Сепак, експертите сакаа да разберат како долгорочната врска влијае на нивото на шеќер во крвта.

Тие анализирале податоци за повеќе од 3.300 возрасни лица, на возраст од 50 до 89 години. Луѓето беа прашани дали имаат сопруг, сопруга или партнер со кој живеат, а 76 отсто од учесниците беше откриено дека се во брак или заеднички живот. Исто така, им беа поставувани прашања за да се испита нивото на напнатост и поддршка во врската.

По прашањата, експертите собраа тестови на крвта во текот на изминатите четири години и открија дека оние кои биле во брак или живееле со партнер имале нивоа на шеќер во крвта кои во просек биле 21 отсто пониски од оние кои биле слободни или разведени.

Она што е интересно е дека овие резултати важат и за мажите и за жените, а квалитетот на врската не направи значајна разлика кога станува збор за нивото на гликоза во крвта.

„Бракот и заедничкиот живот бараат посебна емоционална инвестиција во долг временски период“, вели Кетрин Форд од Универзитетот Карлтон во Отава, која ја водела студијата.

Како што вели, емотивните врски би можеле да бидат клучни за намалување на шеќерот во крвта и нагласува дека било каква врска е подобра од никаква.

„Генерално, нашите резултати сугерираат дека емотивните односи се обратно поврзани со нивото на HbA1c, просечното ниво на шеќер во крвта, без оглед на димензиите на брачната поддршка или напнатоста. Исто така, овие односи се чини дека имаат заштитен ефект против нивото на HbA1c“, заклучува Кетрин Форд.

Слични содржини