НСОН: Штрајкот е најсилен адут во случај на недостаток на социјален дијалог за плата од 45.000 денари

од Маја Анчевска

Вчера членовите на Комисијата за труд и социјална политика го поддржаа законското решение со кое минималната плата ќе изнесува 18.000 денари нето износ, односно 26,422 денари во бруто износ. Но, сеуште не е дефинирано прашањето за усогласување на платите во образование со колектективен договор. Поради тоа и НСОН и СОНК се децидни дека ако до 15 март не се усогласи платата единствено што им преостанува е штрајкот.

НСОН во 2021 имаше покренато неколку синдикални протести за  усогласување на платите во секторот образование со минималната плата на државно ниво. И сега, Независниот синдикат за образование и наука стои зад ова барање. Како што посочуваат за „Локално“, штрајкот е алатка на синдикатите и најсилен адут на работниците во случај на недостаток на социјален дијалог.

– Во целост ќе подржиме и ќе учествуваме во штрајк предводен од најбројниот синдикат во образованието – СОНК во кои основно барање би било постигнување на плата по колективен договор од 45.000 денари, бидејќи истата и законски ни следува. Доколку ресорното министерство не сака или не може да најде начин да ја исполни одговорноста за плата која доаѓа од колективните договори, штрајкот е единствена солуција за решавање на тој проблем, велат од НСОН.

Ставот на мнозинство од вработените во секторот образование е, дека е време да се направат позитивни промени, па дури и по пат на штрајк.

-Мнозинство од колешките и колегите не се задоволни од моменталната положба на работничките права, а незадоволството се темели на непочитувањето на исплатата на плата која ни следува по колективен договор, а има и големо незадоволство поради нерешениот статус за трансформација на работниот однос кај висок процент од вработените. Време е да започне почитување на колективните договори и истите се подготвени и свесни дека треба да учествуваат во штрајк со цел одбрана на правата и достоинството, додаваат од НСОН.

Во случај ако директорите го бојкотираат штрајкот, НСОН потенцира дека нивен следен чекор ќе биде сугестија, бидејќи почитувајќи ги законските начела не смее да се врши притисок врз вработените.

-НСОН како втор најброен синдикат во секторот образование може да сугерира за решенија, но, стратегијата за водење за штрајк е кај СОНК. Во Законот за работните односи е јасно опишано дека претставниците на работодавачот немаат право да прават притисок врз лицата што штрајкуваат. Во случај тоа да се случи, синдикатите ќе ги пријават и јавно ќе ги обелоденат лицата кои би се нафатиле на еден таков недемократски пристап. Постојат и низа други начини за заштита кои ги имаме како пример од синдикатите од соседните земји, вели НСОН.

Доколку на 15 март не се реши прашањето за усогласување на платите во  образование по колективен договор од СОНК за „Локално“ тврдат дека штрајкот е единствена алтернатива. Инаку ,последен пат платата била  зголемена во јануари 2020 година за 10%.

-Токму така, доколку не се реши проблемот со усогласување на платите со минималната плата на национално ниво, во тој случај размислуваме за штрајк, велат од СОНК.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера во „Топ тема“, изјави дека преку дијалог ќе се дојде до одржливо решение,  за зголемување на платите, по барање на синдикатите да се усогласат со зголемување на минималната плата согласно колективен договор.

– Она што можам да кажам, што е планирано, а тоа е проектиран дефицит од 4,3 % од БДП и ако не оствариме проектираниот раст од 4,6%, а го реализираме буџетот целосно, тоа ќе значи дека ќе имаме поголем дефицит и дополнително зголемување на инфлацијата, рече министерот.

Тој потенцираше дека не се сите механизми исцрпени и дека штрајкот е последно решение.

M.A.

Слични содржини