Њујорк: Илјадници вработени во јавниот сектор добиваат отказ затоа што не биле вакцинирани

од Vladimir Zorba

Околу 4.000 вработени во јавниот сектор во Њујорк би можеле да бидат отпуштени бидејќи не се вакцинирале против Ковид, што е задолжително во тој град.

Меѓу оние кои ќе бидат отпуштени има наставници, полицајци, пожарникари и комунални работници.

Задолжителна вакцинација за вработените во јавниот и приватниот сектор ја наметна поранешниот градоначалник Бил де Блазио.

Рокот за исполнување на таа обврска помина во петокот, а оние кои не се вакцинираа сега ќе останат без работа.

„Јасно кажавме дека вработените во јавниот сектор во Њујорк мора да се вакцинираат“, изјави актуелниот градоначалник на Њујорк, демократот Ерик Адамс.

Синдикатите кои ги претставуваат вработените во јавниот сектор се обидоа да се изборат против задолжителната вакцинација и во неколку наврати го тужеа градот, но безуспешно.

Против задолжителната вакцинација протестираа и вработените.

Сепак, ова правило сè уште важи и покрај фактот што бројот на новозаразени со коронавирус се намалува и многу земји ги укинуваат ограничувањата за пандемијата и задолжителната вакцинација.

Се проценува дека околу 95 отсто од 370.000 вработени во јавниот сектор биле вакцинирани во Њујорк.

Слични содржини