Њујорк, Сиетл и Портланд за Трамп се „анархистички“ градови

од Vladimir Zorba

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече Њујорк, Сиетл и Портланд „анархистички градови“ и предвиде укинување на федералното финансирање откако Белата куќа ги обвини за толерирање на насилство и криминал.

Административните службеници изјавија дека градовите не успеале да го намалат криминалот за време на летните протести. Во сите три градови имаше протести во текот на летото за убиството на Афро-американецот Џорџ Флојд.

Водачите на споменатите градови ветија дека ќе го тужат Трамп и додаваат дека ова е политички потег на претседателот, пренесува Би-Би-Си.

Секретаријатот за правда денес објави колкава е стапката на криминал во градовите и како реагирала полицијата во нив.

Јавниот правобранител Вилијам Бар рече дека не може да се дозволи трошење на федерални пари, што произлегува од наплатата на даноци на американски граѓани, кога безбедноста на граѓаните е постојано загрозена. Тој ги повика Њујорк, Сиетл и Портланд да започнат со заштита на граѓаните од криминал.

Засега останува нејасно кој дел од федералното финансирање може да се одбие, а градските власти изјавија дека ваквиот вид на одбивање на финансирање е неуставен.

За потсетување, протестите во САД траеја неколку недели по убиството на афроамериканецот Флојд, а неговата смрт предизвика големо негодување кај граѓаните на САД, што предизвика бран протести во градовите.

Слични содржини