НУЛА случаи: Северна Кореја тврди дека го искоренила Ковид-19

од Nikola Popovski

Северна Кореја соопшти дека сите заразени со коронавирус во земјата се опоравиле. Оваа земја денеска пријави нула случаи на зараза 17-ти ден по ред.

Како што јави Радио Слободна Европа, Северна Кореја зборува за пациенти со „треска“, без да ја спомене болеста Ковид-19, поради недостаток на опрема за тестирање. Првиот случај на корона во Северна Кореја беше регистриран и пријавен во мај. Сепак, постои голем сомнеж за податоците, особено за бројот на починати.

„Во текот на изминатата недела, не беа пријавени нови случаи на треска, а сите кои примаа третман се опоравија низ целата земја“, објави во петокот Корејската централна новинска агенција (КЦНА).

Северна Кореја влезе во фаза на „стабилност“, се додава, но земјата „ќе ги удвои напорите за одржување на совршенството во спроведувањето на антиепидемиската политика на државата“.

Државните медиуми објавија дека околу 4,77 милиони пациенти со треска целосно закрепнале, а 74 починале од крајот на април, што е стапка на смртност од 0,002 отсто, најниска во светот.

Многу експерти веруваат дека на овие статистики тешко може да им се верува.

Северна Кореја има еден од најлошите здравствени системи во светот и нема лек или вакцина против Ковид-19, велат експертите.

Спротивно на тоа, Јужна Кореја, која има напреден здравствен систем и високи стапки на вакцинација, има пријавена стапка на смртност од корона од 0,12 проценти, според официјалните бројки.

Шин Јонг-џеон, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот Ханјанг во Сеул, изјави за Ројтерс дека пријавените смртни случаи во Северна Кореја се речиси невозможни и дека бројот на загинати може да достигне до 50.000.

Јужнокорејскиот министер за обединување Квон Јонг-Се, одговорен за меѓукорејските прашања, рече оваа недела дека има „проблеми со веродостојноста“ на податоците, но дека Ковид-19 се чини е „донекаде под контрола“ на Северот.

Слични содржини