Нуланд го повика Израел да се приклучи на санкциите против Русија

од Vladimir Zorba

Американскиот државен потсекретар Викторија Нуланд го повика Израел да се приклучи на западните санкции против Русија поради инвазијата на Украина во време кога обидите на израелските лидери да останат неутрални стануваат несигурни.

Израел избегна воведување санкции и остри критики против Русија и претседателот Владимир Путин, бидејќи се обидува да одржува топли односи и со Киев и со Москва, јавуваат израелските медиуми.

Западните земји и компании воведоа парализирачки санкции против руската економија, на нејзините олигарси и некои функционери, вклучително и Путин, а Израел не се приклучи на напорите, па затоа не го санкционираше милијардерот Роман Абрамович, кој има израелско и руски државјанство.

Обединетото Кралство и Канада воведоа санкции против Абрамович, додека во Израел пристигнуваат приватни авиони кои во последните денови полетаа во Русија.

Потсекретарот за политички прашања Нуланд синоќа за израелската телевизија Канал 12 изјави дека Израел треба да ги санкционира руските олигарси.

„Вие не сакате да бидете последното засолниште за валкани пари што ги поттикнуваат војните на Путин. Значи, што и да може да направи Израел, Украинците ќе го поздрават тоа, како и меѓународната коалиција за поддршка на Украина“, рече Нуланд, објаснувајќи дека од демократиите ширум светот се бара да им се придружат на САД во финансиските и извозните санкции за контрола на Русија.

На прашањето дали Израел треба да и пружи воена помош на Украина, таа рече дека одлуката е во рацете на израелската влада.

Слични содржини