Нуредини: Работиме континуирано на зачувувањето на пределската разновидност и биодиверзитетот во државата

од Aleksandar Petrovski

Работиме континуирано на зачувувањето на пределската разновидност и биодиверзитетот во државата, а во изминатиот период одбележавме и низа достигнувања на ова поле, порача министерот за животна средина Насер Нуредини во неговата изјава по повод одбележувањето на 5 јуни – Денот на животната средина.

-Драго ми е што светот оваа година го одбележува 5 Јуни, Денот на животната средина, во знакот на природата. Нашата држава изобилува со природни реткости, ја имаме среќата да сме обдарени со богат биодиверзитет, но истовремено имаме и обврска да го зачуваме, вели Нуредини.

-Останува да продолжиме со сериозни напори за остварување на заштитата и одржување на фокусот кон овие активности, зашто сега повеќе од било кога: Време е за природата!, додава Нуредини во изјавата.

Под мотото „Време е за природата“ (#ForNature) денеска се одбележува Светскиот ден на животната средина 5 јуни кој е значаен меѓународен ден за подигнување на свеста за зачувување на животната средина кој пак се одбележува од 1974 година.

Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) како и многу невладини организации, заедници и влади во повеќе од 150 држави во светот годинава овој ден го одбележуваат со различни онлајн настани, а домаќин на официјалната манифестација годинава е Колумбија во соработка со Германија. Годинава во фокусот е биодиверзитетот којшто бара итна заштита но и е од витално значење за опстанокот на човекот.

Слични содржини