Објавен „Конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст“ на Министерството за култура

од Stefanija Kuzmanovska

Министерството за култура, во соработка со Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, денеска распиша „Конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст“.

Целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори.

Право на учество на конкурсот имаат сите автори, државјани на Република Северна Македонија, кои може да конкурираат со најмногу два македонски драмски текста кои не биле објавени ниту поставени на сцена претходно.

Приоритет ќе имаат текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста-интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови кои отвораат актуелни општествени прашања.

Разгледувањето и оценувањето на пријавените текстови ќе го врши посебна комисија од истакнати, стручни и компетентни лица именувана од Министерот за култура, на предлог од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.

Комисијата во согласност со приоритетите и квалитетот на текстот ќе направи избор на најмногу 3 македонски драмски текстови.

Пријавата со потребната документација треба да се достави до Министерството за култура по пошта ( ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ббр.61, 1000 Скопје) со датум на поштенскиот жиг, или лично во писарницата на Министерството за култура, секој работен ден до 15:30 часот.

Конкурсот ќе трае до 15 март 2023 година, а драмските текстови пристигнати по наведениот рок нема да бидат разгледувани.

Министерството за култура на авторите на откупените македонски драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари., Неизбраните драмски текстови ќе им бидат вратени на авторите. Воедно ќе спроведе и соодветна постапка за објавување и поставување на откупените македонски драмски текстови.

За резултатите од Конкурсот, подносителите на пријавите ќе бидат известени во согласност со Законот за култура.

Конкурсот и пријавата се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

Слични содржини