Актуелно
Почетна / Препорачани / Обама напиша есеј во кој се обрати до демонстрантите во САД

Обама напиша есеј во кој се обрати до демонстрантите во САД

Поранешниот американски претседател Барак Обама објави есеј во кој се осврна на протестите што ја тресат Америка по смртта на Џорџ Флојд и го изрази своето мислење за тоа како луѓето можат да одат напред „користејќи го овој момент за да донесат вистинска промена“, пренесува „ABC News“.

– На крајот на краиштата, останува на следната генерација активисти да формираат стратегии што најдобро ќе одговараат на времето, напиша тој. – Но, верувам дека има некои основни лекции што можеме да ги научиме од минатите напори и кои вреди да се запаметат.

Пораката на Обама ја истакнува важноста за гласање и учество во политиката, особено на локално ниво, каде одлуките за кривичниот систем и политички практики се формираат на најниско ниво.

– Ако навистина сакаме реални промени, тогаш изборот не е помеѓу протест и политика. Мораме да се справиме со двете. Ние треба да се мобилизираме за да ја подигнеме свеста за проблемот и да се организираме за да бидеме сигурни дека ќе избереме кандидати кои навистина ќе работат на реформите, напиша Обама.

Првиот и досега единствен црн американски претседател го започна текстот со признание дека „брановите протести низ целата земја претставуваат искрена и легитимна фрустрација поради децении неуспешни обиди за реформа на американските политички и кривични системи“, нагласувајќи дека повеќето луѓе кои протестирале тоа го сториле на „мирен, храбар, одговорен и инспиративен начин“. Тој, исто така, рече дека полицијата на места како Камден и Флинт „сфатила дека демонстрантите заслужуваат наше почитување и поддршка“.

Тој се осврна и на насилството што ги придружуваше протестите во неколку градови, иако самиот корен на насилството е контроверзен, особено што варира од локација до локација.

Во својата објава, Обама ги повикува луѓето да не го „оправдуваат насилството, да не го рационализираат и да не учествуваат во него“.

Потоа, тој ја истакна важноста за учество во политичкиот живот и гласање на секои избори, велејќи дека „избраните службеници кои се најважни кога станува збор за полицијата и за реформите во кривичниот систем, како на државно така и на локално ниво“.

Тој исто така рече дека програмите за реформа варираат од место до место и треба да бидат прилагодени на потребите на одредена заедница, а самите организатори треба да бидат едуцирани за кои стратегии би биле најефикасни. „Колку се подетални нашите барања за промени, толку е потешко за службените лица само да ветат промени и да продолжат на вообичаен начин откако ќе завршат протестите“, напиша Обама.

Тој го заврши својот есеј со тоа што ја призна болката што ја има во Америка, и поради протестите и заради пандемијата.

– Знам дека изминатите месеци беа тешки и полни со очај, знам дека стравот, тагата, несигурноста и тешкотиите поврзани со пандемијата се трагичен потсетник дека предрасудите и нееднаквоста сепак обликуваат голем дел од американскиот живот, напиша Обама.

– Но, гледајќи во зголемениот активизам на младите луѓе од сите раси и од сите страни во последните недели, исполнет сум со надеж.

Тој исто така рече дека следниот момент во американската историја навистина би можел да биде пресврт ако „го насочиме оправданиот гнев кон мирно, одржливо и ефикасно дејствување“.

Во прилог на текстот, Обама прикачи и линк до алатка развиена на конференцијата за лидерство и граѓански и човекови права, која е заснована врз работата на работната група формирана за време на администрацијата на Обама и ресурсите на Фондацијата Обама и создадена, за да им помогне на младите активисти да ја насочуваат својата енергија кон конкретни активности“.

Ова е вторпат поранешниот претседател да напише нешто во врска со немирите што ја потресе земјата по смртта наФлојд.

– Ова не треба да биде нормално во Америка во 2020 година, напиша Обама во објавата на Твитер во петокот. – Ова не може да биде нормално. Ако сакаме нашите деца да пораснат во земја со високи идеали, можеме и мора да се справиме подобро.

Во меѓувреме, претседателот Доналд Трамп тргна на поинаков пат и се соочи со критики затоа што не се обиде да ја обедини нацијата, откако избувнаа протестите минатиот викенд.

Неколку часови пред Обама да го објави својот текст, Трамп зборуваше на Твитер за протестите во Минеаполис, велејќи дека „насилниците го срамат споменот на Џорџ Флојд“ и се закани дека „кога ќе започне грабежот, пукањето започнува“. Твитер го обележа твитот како глорификација на насилството.

Патем, Трамп во неделата го обвини „движењето Антифа“ за претворање на протестите во насилство и дека групата треба да биде прогласена за терористичка организација, иако останува нејасно дали Трамп има надлежност да го стори тоа.

loading...