Обединети против ковид 19: Најмоќните луѓе во Европа испратија јасна порака до светот

од Stefanija Kuzmanovska

Лидерите на земјите-членки на ЕУ испратија порака до граѓаните на ЕУ во врска со пандемијата, во која им се заблагодаруваат и им даваат надеж на крајот на 2020 година.

Тие им го порачаа тоа во кратки видео пораки, објавени на веб-страницата на Европскиот совет, кои ги снимија одделно, со наслов „Обединети против ковид-19“.

Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, рече дека тим од 450 милиони граѓани на ЕУ може да ја стави под контрола пандемијата доколку ги почитува мерките, се грижи за себе и за другите.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека најдобрата заштита од пандемијата е во наши раце.

„Ограничете ги контактите, носете маски, држете се на дистанца и покажете обзир кон другите. Заедно, ќе бидеме посилни од вирусот“, рече Меркел.

Францускиот претседател Емануел Макрон им се заблагодари на граѓаните за нивната одговорност и солидарност и додаде дека тие мора да продолжат да бидат солидарни и одговорни се додека не се појави вакцината.

„Само на овој начин можеме да се спротивставиме на вирусот. Се надевам дека вакцината ќе стави крај на пандемијата“, рече Макрон.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на обединување во борбата против ковид-19.

„Ако се обединиме, ќе победиме“, рече тој.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте истакна дека Божиќ е време на радост, но дека мора да останеме внимателни.

„Божиќ ќе биде поинаков, но развојот на вакцината е голем знак на надеж“, рече Конте.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека пандемијата многу ја погоди Европа и дека е благодарен на многу граѓани кои помогнаа.

„Посебна благодарност до лекарите и оние кои работеа во домови за стари лица и постарите лица, а пред се на истражувачите кои работеа“, рече Курц.

Слични пораки испратија и други лидери на земјите-членки на ЕУ, како што се хрватскиот и словенечкиот премиер Андреј Пленковиќ и Јанез Јанша, словачкиот премиер Игор Матовиќ и многу други.

Слични содржини