Обесштетувањето на клиентите на „Еуростандард банка“ ќе трае три години

од Берта Китинска

Фондот за осигурување на депозити денеска соопшти дека е склучен договор со банките за обештетување на осигурените депозити од „Еуростандард банка“.

– Во текот на следните денови, Фондот преку соопштение до медиумите и јавноста ќе ги извести депонентите за точниот датум на почеток на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките – исплатувачи и за распоредот на депоненти по банки – исплатувачи. Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката за да го оствари правото на обесштетување. Со тоа се постигнува депонентите да не чекаат одделно за подигнување на потврдите од „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај, се појаснува во соопштението.

Банките ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација. Во случај на спреченост, ќе се врши исплата на лице кое ќе има полномошно заверено на нотар.

Од Фондот за осигурување на депозити информираат дека при исплата на обештетувањето ќе важи полномошното кое депонентот веќе ги има издадено за располагање со средствата од депозитот во “Еуростандард банка” АД Скопје.

– Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката, појаснуваат од Фондот.

Рокот на исплата на обесштетувањето е 36 месеци од денот на почеток на исплатата. По истекот на овој временски период, граѓаните кои не успеале да го остварат своето право, ќе може тоа да го сторат преку Фондот за осигурување на депозити.

Доколку износот на обештетувањето е еднаков или поголем од 5.001 денар, тогаш преносот на средства ќе се врши преку трансакциска сметка на депонентот во банката-исплатувач. Доколку депонентот нема отворено трансакциска сметка во банката-исплатувач, тогаш тоа ќе му биде направено согласно законските прописи.

Доколку износот на обесштетувањето е еднаков или помал од 5.000 денари тогаш од наменската сметка на Фондот во банката-исплатувач ќе се изврши готовинска исплата на средствата за обесштување, доколку депонентот до тој момент нема отворено трансакциска сметка во банката-исплатувач.

Во случај депоненот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, тогаш банката нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на која ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.

Слични содржини