Објавен е датумот за предвремени избори во Германија

од Vladimir Zorba
69 прегледи

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ се договорија за датумот на предвремените парламентарни избори, кои треба да се одржат на 23 февруари следната година, јавуваат германските агенции.

„Претставниците на владејачките партии СПД, Зелените и Либералите и опозициската Унија ЦДУ/ЦСУ се договорија предвремените избори да се одржат на 23 февруари, а германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) ќе го постави прашањето за довербата во Бундестагот на 16 декември“, пренесуваат германските известувачки агенции повикувајќи се на извори во раководството на партиите.

Партиите му предложија 23 февруари на претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, кој треба да го потврди тој датум.

Откако германскиот канцелар Олаф Шолц минатата среда го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер (Либерално-демократската партија ФДП), растурајќи ја неговата владејачка коалиција на партиите СПД, Зелените и ФДП, започна дискусија за можниот датум за гласање доверба на владата во Бундестагот на тој начин предвремени избори.

Шолц најави дека има намера да побара гласање за доверба во средината на јануари, што демохристијанската опозиција го критикуваше како предоцна и инсистираше Шолц да го постави прашањето за доверба порано.

Според анкетите спроведени по распадот на владејачката коалиција, Унијата ЦДУ/ЦСУ (32 отсто) би освоила најмногу гласови, а по неа е Алтернативата за Германија (АфД) со 19 отсто. СПД би освоиле 15 отсто, а Зелените 11 отсто од гласовите.

Слични содржини