ОБСЕ: Клучно е да се зајакне лидерската улога на жените

од Stefanija Kuzmanovska

Улогата на жените лидери, особено во градењето на мирот и спречувањето на конфликтите, е клучна во постигнувањето просперитетни и мирни општества и гаранција за зајакнување на нашите демократии, изјавија официјални претставници на ОБСЕ по повод 8 март, Меѓународниот ден на жената.

Тие укажаа на потребата од засилување на напорите и зголемување на ресурсите за зајакнување на лидерството на жените.

Тие, исто така, ја подвлекоа клучната улога на жените во обезбедувањето на закрепнување по ковид-19.

„Економското зајакнување на жените и девојките е од суштинско значење за нивно значајно вклучување и рамноправно учество во процесите на донесување одлуки, вклучително и решавање на конфликти и градење на мир. Промовирање на женското лидерство е важен аспект кога сакаме да го зголемиме целосното и ефективно учество на жените во процесите на донесување одлуки. ОБСЕ мора да одигра важна улога во своите напори за зајакнување на женското лидерство во нашите општества“, рече главната претседателка на ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ен Линде.

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, истакна дека подеднакво учество на жените во справувањето со пандемијата е поважно од било кога.

„Ние мора да дадеме приоритет на напорите за унапредување на женското лидерство, преку професионално обучување и менторство, преку поддршка на мрежите за градење мир на жени и преку обезбедување на родово чувствително работно опкружување“, рече Хелга Шмит.

Официјални лица на ОБСЕ подвлекоа дека родовата еднаквост е предуслов за инклузивен мир, одржлив економски развој и демократско управување.

Слични содржини