ОБСЕ повторно нуди медијација за решавање на ситуацијата во Белорусија

од Vladimir Zorba

Албанскиот премиер Еди Рама, кој си заминува од функцијата претседател на ОБСЕ, и шефот на шведската дипломатија, Ан Линде, чија земја го презема претседателството на таа организација, повторно испрати предлог за медијација до претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. Во писмото, до кое дошла Агенцијата Франс Прес, Организацијата за безбедност и соработка во Европа наведува дека „внимателно и со загриженост ја следи ситуацијата во Белорусија“.

„Ние сакаме да ја повториме понудата за посета со цел да слушнеме гледишта за ситуацијата и да разговараме за актуелните предизвици во земјата“, се вели во заедничкото писмо од Еди Рама и Ан Линде.

Додадено е дека Белорусија е „почитувана членка на ОБСЕ и дека организацијата е подготвена да обезбеди поддршка“ за таа земја. Во четвртокот Рама разговараше за ситуацијата во Белорусија со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Рама и Лавров разговараа за ситуацијата во Белорусија во контекст на предлогот на ОБСЕ да придонесат за дијалогот меѓу владата и опозицијата“, соопшти руската амбасада во Тирана.

Лавров рече дека е неопходно граѓаните на Белорусија да можат сами да ги решат своите внатрешни проблеми.

Лукашенко се соочува со дневни протести од граѓаните и опозицијата кои не ги признаваат резултатите од неодамнешните претседателски избори, на кои Лукашенко освои околу 80 проценти од гласовите.

Слични содржини