Обвинителството бара одземање на пасошот на сопственикот на дивоградбата кај Мавровка

од Берта Китинска

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против сопственикот на дивоградбата кај трговскиот центар Мавровка, поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот, во текот на месеците јуни и јули, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330м2 пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, без притоа да добие одобрение за градба од надлежен орган.Со цел обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска да се јавува повремено во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова“, соопштија од ОЈО.

Утрово започна уривањето на дивоградбата кај Мавровка, тоа се одвиваше под силно полициско обезбедување и голем медиумски интерес.Владата вчера донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.

Сопственикот на објектот Мевлудин Алити за време на уривањето, пред медиумите рече дека објектот не е дивоградба и оти има елаборат и платени такси и комуналии над 4,7 милиони денари. Алити вели дека ги избегнувал медиумите во изминатиот период бидејќи сметал дека неговиот приватен бизнис не е предмет на јавен интерес.На прес конференција рече дека ќе тужи не само пред домашни судови туку и во Стразбур.

За објектот што денеска се урива изминатиот период имаше дебати и полициска истрага. Откако општинските власти утврдија дека се работи за дивоградба, беше распишан тендер кој да го урива објектот, но никој не се јави.

Слични содржини